ФОТО: Отворен „Мега шопинг парк” во Гевгелија, регионален центар на шопинг туризам

Модерен трговски центар „Мега шопинг парк” на површина од над 20 илјади квадратни метри е пуштен во употреба денеска во Гевгелија, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов, генералниот директор на трговскиот центар, Сотирис Јанакудакис, како и владини и општински претставници, и претставници од компанијата инвеститор „А ПЛУС 1″.

Новиот трговски центар, според најавите, отвора простор за познати и веќе присутни светски и домашни брендови, како и имиња кои првпат ќе влезат на македонскиот пазар, а инвестицијата се очекува да даде поттик за нови вработувања во Општина Гевгелија.

– За мене е чест и задоволство што сум на отворањето на овој шопинг центар кој што е не само додадена вредност за економијата тука во Гевгелија, туку очекувам да прерасне во едно место кое што ќе го посетуваат сите оние кои што ќе транзитираат низ Македонија бидејќи навистина содржините кои што ги нуди се импресивни, а се уште не е и целосно пуштен во употреба. Од неформалните разговори со сопствениците дознав дека дополнително ќе се отвораат нови продажни места, така што на Коридорот 10 кај нас во Македонија ова ќе претставува едно преубаво место каде што ќе можат сите оние туристи и патници кои транзитираат низ нашата земја, да застанат и одморат, како и да пазаруваат, рече премиерот Мицкоски.

Тој изрази благодарност до градоначалникот Сарамандов за поддршката која во текот на целата инвестиција ја овозможил за инвеститорот, како и до инвеститорот којшто одлучил да вложува во Гевгелија.

– За нас да се биде добар претприемач, да се биде човек којшто развива бизнис во Македонија е повеќе од патриотски чин. Силна држава значи дека и вашиот бизнис повеќе ќе вреди, а колку повеќе вреди вашиот бизнис и колку е тој поголем, толку државата станува посилна. Тоа е една двонасочна улица. Така што на сите страни јас би сакал да ја искористам оваа прилика да им честитам, изјави Мицкоски.


Градоначалникот Сарамандов нагласи дека Гевгелија ја добива најголемата инвестиција реализирана изминатите години во износ од над 30 милиони евра, која ќе овозможи повеќе од 400 вработувања и поголем број ноќевања од транзитните туристи во Општината.

– Изминатите четири години посветено работевме на подобрување на инфраструктурата, урбаното уредување, условите за бизнис секторот и создавање позитивна клима за инвеститорите. Затоа денес Гевгелија е ставена на мапата на сериозни домашни и странски инвестиции, кои носат нови работни места, економски придобивки и поголем развој за нашата општина и регионот. Со отворањето на Мега Шопинг Парк, Гевгелија прераснува во регионален центар на шопинг туризам. Сакам да изразам благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до Владата за поддршката во изминатиот период за донесување на нови урбанистички планови кои се основа за нови инвестиции и локален економски развој, нагласи Сарамандов. Тој потсети дека со 3 нови инвестиции Гевгелија добива нова економска улога во југоисточниот регион, вклучувајќи ги посетителите од Грција и транзитните туристи од Србија и регионот.

Нашата амбиција е јасна – да ја трансформираме Гевгелија од транзитна точка во вистинска регионална и европска дестинација, порача генералниот директор на Мега Шопинг Парк, Сотирис Јанакудакис, на свеченото отворање.

– Денес не отвораме само нов трговски центар, денес го славиме остварувањето на една голема визија, на голема инвестиција и проект кој го одразува огромниот економски потенцијал на државата и нашиот регион. Присуството на државното раководство денес овде испраќа силна и значајна порака, дека кога приватниот сектор и јавните институции работат заедно со заедничка визија можеме да создадеме вистински напредок и долгорочен развој за нашите заедници, изјави Јанакудакис.

Во своите содржини „Мега шопинг парк” ќе вклучи детски забавен парк, со најголема гејминг зона и аркад центар во регионот, куглана, различни содржини од областа на мода, обувки, спорт, убавина и здравје, медицински центар, угостителство и супермаркет.