Суд во Австрија осуди 19-годишен маж на 15 години затвор поради планирање терористички напад за време на концертите на светската поп-ѕвезда Taylor Swift во Виена.
Според австриските и германските медиуми, станува збор за Беран А., роден во Австрија од родители со потекло од Македонија. Тој бил прогласен за виновен за обид за убиство и терористички активности поврзани со планиран напад на концертите на Свифт, кои требало да се одржат минатото лето во австриската престолнина.
Обвинителството соопшти дека младиот човек бил радикализиран преку исламистичка пропаганда на интернет и дека нападот го планирал од идеолошки и верски побуди. Според истрагата, тој сакал да предизвика масовни жртви меѓу посетителите на концертот.
Австриските безбедносни служби навреме го откриле планот, по што концертите биле откажани од безбедносни причини. Апсењето предизвика големо внимание во јавноста, особено поради стравувањата од можни терористички напади на големи музички и спортски настани во Европа.
Судот оцени дека станува збор за исклучително сериозен случај со висок степен на опасност, поради што му беше изречена затворска казна од 15 години.







