По повеќегодишен застој, продолжува финалната фаза од изградбата на мостот што ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Зборот е збор – мостот на „Љубљанска“ конечно ќе биде ставен во функција!“, објави Орце Ѓорѓиевски.
🫡 Зборот е збор – мостот на „Љубљанска“ конечно ќе биде ставен во функција!
♥️ Довербата што ја добив од вас, мојот…
Posted by Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski on Wednesday, April 29, 2026
Според него, проектот има значајно влијание врз сообраќајот во Скопје, особено за поврзување на северниот и западниот дел од градот.
„Со неговото завршување, Скопје добива нова, современа и функционална сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на градот, која ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, но и значително ќе ги растовари булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“, изјави Орце Ѓорѓиевски.
Како што посочи, проектот бил стопиран во минатото поради потреба од согласност од Конзерваторскиот центар за заштита на археолошкиот локалитет „Скупи“.
„Проектот, во минатото беше стопиран поради неопходноста од обезбедување мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар, со цел целосна заштита на локалитетот „Скупи“, изјави Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека дозволата е обезбедена и градежните активности продолжуваат со засилен интензитет.
Во рамки на проектот е предвидено и ново сообраќајно решение за влезот во селото, преку кружен тек или адаптивна семафоризација.
„Со ова решение, граѓаните ќе добијат побрз, побезбеден и поефикасен излез кон обиколницата, а сообраќајот во овој дел од градот ќе се одвива многу полесно и поорганизирано“, изјави Орце Ѓорѓиевски.
Мостот се очекува да биде клучен инфраструктурен зафат кој ќе влијае на растоварување на сообраќајниот метеж и подобрување на поврзаноста во градот.







