Фокус на менталното здравје: Дебата за улогата на социјалните мрежи кај младите

Клубот за младински прашања одржа јавна расправа на тема: „Влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“
На настанот свои воведни обраќања имаа Драгана Бојковска, пратеничка и претседателка на Клубот за младински прашања и политики; Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност; Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација; Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади; како и Мариа Канелопулу, раководителка на Одделот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Во своето обраќање, Бојковска ја истакна важноста на темата, нагласувајќи дека социјалните мрежи се неизоставен дел од современото живеење, но истовремено предупреди и на нивните потенцијални негативни последици врз младите.

Ана Михајлов посочи дека прекумерната и секојдневна употреба на дигиталните алатки може да доведе до анксиозност, агресија и влошување на менталното здравје. Таа истакна дека 40 % од проектите на Агенцијата се насочени кон оваа тема и нагласи дека во образовниот систем е неопходно воведување содржини за едукација на младите за безбедно и одговорно користење на дигиталните технологии.

Министерот за дигитална трансформација, Андоновски, се осврна на напорите на Министерството во справување со овој предизвик, при што информираше дека се разгледува можноста за ограничување на употребата на мобилните телефони во училиштата. Целта на оваа мерка е подобрување на концентрацијата кај учениците, спречување на несоодветни содржини и инциденти, како и намалување на притисокот од социјалните мрежи. „Вистинската цел е фокус, ред и заштита“ – нагласи тој.

Заменик-министерот Велковски потенцираше дека менталното здравје на младите не смее да биде маргинализирано или третирано како споредна тема. Според него, ова прашање мора да биде интегрален дел од националните политики, буџетските приоритети и законските решенија. Тој додаде дека е неопходно да се создадат услови во кои младите ќе ја користат технологијата безбедно, критички и со самодоверба.


Влијанието на социјалните мрежи не може едноставно да се категоризира како исклучиво позитивно или негативно, но тие се нераскинлив дел од секојдневието – рече Мариа Канелопулу. Притоа, таа нагласи дека треба да се преземат конкретни чекори за максимизирање на придобивките од дигиталната ера, при што како приоритет го посочи справувањето со кибер-булингот. Воедно, подвлече дека позитивните ефекти се најизразени кога младите ги користат овие алатки за учење и личен развој.

Јавната расправа отвори значајна дискусија за предизвиците и можностите што ги носат социјалните мрежи, при што беше потенцирана потребата од координиран пристап на институциите, образовниот систем и општеството во целина за заштита и унапредување на менталното здравје на младите.

Настанот беше организиран од собранискиот Клуб за младински прашања и политики, во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност како дел од иницијативата Европска недела на младите 2026, каде што посебно значење се дава на темата ментално здравје на младите.