Генералниот секретар на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус денеска изјави дека епидемијата на ебола во Демократската Република Конго рапидно се шири и претставува висок ризик на национално ниво.
Тој додаде дека СЗО ја ревидираше својата процена на ризик во ДР Конго, оценувајќи ја како многу висок ризик.
– Ризикот е на високо ниво за регионално ширење на заразата и низок на глобално ниво, посочи Гебрејесус.
Тој истакна дека во ДР Конго се потврдени 82 случаи на ебола, со седум потврдени смртни случаи, но се претпоставува дека бројката е многу поголема.
Гебрејесус посочи дека сега има речиси 750 сомнителни случаи на ебола и 177 смртни случаи за кои се верува дека се предизвикани од ебола. Додека во ситуацијата во соседна Уганда, каде се потврдени два случаја и еден смртен случај, е „стабилна“.
Обединети нации денеска соопштија дека издвоиле 60 милиони долари од Централниот фонд за итни интервенции за да се забрзаат активностите во ДР Конго и регионот. САД ветија 23 милиони долари за финансирање на одговорот на епидемијата во ДР Конго и Уганда и објавија дека ќе финансираат и воспоставување до 50 клиники за третман на ебола во погодените области во двете земји.
Претходно, научниците од Оксфорд соопштија дека создале нова вакцина што би можела да се користи за неколку месеци за да помогне во борбата против вонредната состојба со еболата.
Реткиот сој на ебола, кој е присутен во ДР Конго, познат како Бундибуџо, усмртува околу една третина од заразените.








