Дурмиши: Подобро се чувствувам кога ќе завршам некоја работа за граѓаните отколку колку време ќе бидам во ресорното Министерство

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска не даде прецизен одговор дали ќе биде сменет со владината реконструкција за која деталите ќе бидат познати вечерва по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Дурмиши на прес-конференција во Владата, каде што аде отчет за сработеното во изминатите две години, рече дека именувањата и местата не се долгорочни, туку краткорочни.

– На избори излегуваме пред граѓаните и кажуваме што ќе направиме, а кога ќе ја добиеме поддршката, претседателите на партиите и коалициските партнери разговараат кои се подобри луѓе за да раководат со ресорите. Подобро се чувствувам да завршам некоја работа која е од интерес за граѓаните отколку колку време ќе бидам во ресорното Министерство. За две години направивме многу што е во интерес на граѓаните, стопанството и државата. Со оваа динамика ќе продолжиме и понатаму, а кои министри ќе бидат разрешени или ќе има смена на ресори, коалициските партнери ќе разговараат и ќе одлучат – рече Дурмиши.

Прашан зошто не бил присутен на отчетот што го имаше „Вреди“ викендов, Дурмиши рече дека имал други обврски поради кои бил оневозможен да присуствува. (МИА)