ДРАМА ВО ПЕФКОХОРИ: Зајачка риба касна жена на плажа, таа не можела да ја откачи

Жена завршила на лекарска помош откако била касната од зајачка риба додека влегувала во морето на плажа во Пефкохори. Таа тврди дека рибата се закачила за ногата и одбивала да ја пушти.

Според нејзиното сведоштво за грчката телевизија АНТ1, мирно влегувала во морето кога одеднаш почувствувала силна болка.

– Реков: „Нешто ме гризе и не ме пушта“. Погледнав надолу и видов огромна риба. Знаев како изгледа лагокефалосот бидејќи претходно бев информирана. Се исплашив и почнав да ја тресам ногата за да се ослободам – раскажала жената.

„За среќа забите не влегоа подлабоко“

Таа успеала да стигне до брегот, но била видно вознемирена и во шок. Нејзините пријатели веднаш излегле од водата и ѝ помогнале.


Според неа, вистинска среќа било тоа што рибата ја каснала во пределот на глуждот.

– За среќа, ме касна преку коската на глуждот, па забите не успеаја да навлезат подлабоко во ткивото. Сепак, ми остави голема и видлива рана – изјавила таа.

Присутните на плажата веднаш ѝ укажале прва помош и го запреле крварењето.

Потоа била пренесена во локален здравствен центар, каде примила серум против тетанус, антибиотска терапија и дополнителен третман.