Детали од билатералниот протокол со Бугарија: Промена на Уставот и откажување од македонското малцинство

Францускиот предлог за нацрт-заклучоците на Советот се однесува на билатерален протокол потпишан меѓу Скопје и Софија, кој јасно ги опишува условите и конкретните чекори за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, објави попладнево БГНЕС заедно со детали од самиот протокол.

Бугарската агенција БГНЕС која често ги отсликува ставовите на официјална Софија во спорот со Македонија, објави протокол, односно детали од францускиот предлог за решавање на спорот меѓу двете земји.

Во него стои обврската за вметнување на Бугарите во Уставот, откажување од македонското малцинство и заедничко чествување на историски личности за кои согласност ќе постигне историската комисија.

На документот како што пренесува агенцијата се работело на почеток на месец јуни.

Еден дел бил преглед на досега сработеното, а во вториот за тоа што треба да се направи во иднина. Барањата биле поделени во две фази, краткорочни и долгорочни пишува БГНЕС. Во документот се прецизира дека договореното од историчарите треба да се спроведе во пракса.