Поешево е битолско село со 200 жители и има фудбалски клуб кој игра во општинската лига, ама веројатно е најфудбалско место на светот според тоа колку репрезентативци дава…
Тешко дека низ светот ќе се најде помало место кое моментно дало повеќе репрезентативци, а Поешево има со што да се пофали.
За место со 200 жители, тројца репрезентативци во младинските селекции на Македонија се нешто спектакуларно. А, ова битолско село веќе дало две значајни фигури во македонскиот фудбал.
Тони Мицевски, легендарното крило од првата генерација на македонската репрезентација, кој играше и во бундеслигашката елита, беше репрезентативец од 1993 до 2002 година. Вториот е Горан Ставревски, левиот бек кој во 90-те години и на почетокот на новиот милениум настапуваше за Македонија.
Наследници барем засега во младинските категории, се Михаил Талевски, кој моментно е дел од хрватски Осиек и веќе е стандарден член на младинската селекција до 19 години. Од неодамна репрезентативци во помладата генерација до 17 години се Габриел Крстевски и Стефан Спировски. Двајцата се дел од младинската школа на Пелистер, а потекнуваат од фудбалски семејства.
Нивните татковци, Оливер Крстевски и Илче Спировски беа фудбалери на локалниот Поешево.
Поешево е само доказ дека Македонија е расадник на таленти. Уште ФФМ да имаше вистинска стратегија и да им обезбедеше подобри услови, којзнае каде ќе им беше крајот на битолчани.