НОВОГОДИШНА КОШНИЧКА: Ќе купуваме поефтино месо и јужно овошје, нема намалување за алкохолот и тортите

Празничната кошничка за Нова година ќе содржи производи со намалени цени, меѓу кои и основни прехранбени производи, месо, сувомеснати артикли, јужно овошје, и одредени млечни чоколади од 100 грама. Некои трговци велат дека не е сигурно дали новогодишните пакетчиња ќе бидат дел од понудата.

Во празничната кошничка, како и претходно, нема да бидат вклучени алкохолните пијалаци, пивото, чоколадите со јаткасти плодови, апетисаните, тортите и колачите, кои се сметаат за луксузни производи.

Новогодишната кошничка, слична на октомвриската, ќе биде достапна само за празниците, со ограничен број производи, а од МЕТ известуваат дека подготовката е при крај. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека граѓаните повторно ќе имаат можност да набават производи по намалени цени, слично како со есенската кошничка, но не откри други детали. Тој само најави дека во пресрет на зимата ќе стартува новата кошничка, со која, како што истакна, граѓаните повторно ќе ги почувствуваат ефектите како што беше со есенската.


Од Министерството за економија информираат дека се во финална фаза на договор со трговците.

Во месарниците веќе има понуда на прасечко и јагнешко месо, кои чинат 399, односно 599 денари за килограм. Месарите велат дека ова се само промотивни цени, а дали ќе има нови зголемувања ќе зависи од фактот дали овие видови месо ќе влеат во новата кошничка.