Тенисерката Серена Вилијамс, освојувачка на 23 Гренд слем титули во кариерата и една од најголемите спортистки на сите времиња, најави крај на кариерата по УС Опен.
Американката истакнала дека сака да се сврти кон другите нешта кои ѝ се важни во животот, но и дека не сака да го користи терминот „пензија“ туку сака да се „одвои од тенисот“.
Во објава на социјалната мрежа Инстаграм, Серена напишала дека „одбројувањето започнало“ и порачала дека планира да ужива во наредните неколку недели пред официјално да стави точка на големата кариера.

„Во животот доаѓа момент кога одлучуваме да тргнеме во друг правец. Тој период е секогаш тежок кога нешто толку сакаш. Боже, колку уживам во тенисот! Но, сега започна одбројувањето. Морам да се фокусирам на тоа што сум мајка, на своите духовни цели и на конечното откривање на поинаквата, но возбудлива Серена. Ќе уживам во наредните неколку седмици“, порачала Вилијамс.
Тенисерката претходно зборуваше дека најголем мотив ѝ е освојувањето на 24-та Гренд слем титула, со што би го изедначила рекордот на Маргарет Корт на вечната листа.УС Опен започнува од 29-ти август, по што Вилијамс и официјално ќе објави крај на кариерата.








