Министерот за спорт Борко Ристовски денеска на прес-конференција во Владата даде отчет за сработеното во изминатите две години од формирањето на Министерството за спорт, презентирајќи ги реализираните активности, капиталните инвестиции во спортската инфраструктура и проектите што ќе се реализираат во наредниот период.
Министерството за спорт за само две години реализира и започна 60 спортски проекти, со вкупна вредност од повеќе од 21 милион евра, за разлика од претходната власт која за четири години реализираше само 33 спортски проекти и нагласи дека Владата повторно го поставува спортот меѓу националните приоритети.
„Денеска не сме тука да зборуваме за ветувања, денеска сме тука да дадеме отчет. Отчет за сработеното. Отчет што може да се види, да се измери и да се спореди. За само две години реализираме и започнуваме 60 спортски проекти со вкупна вредност од повеќе од 21 милион евра. Тоа не е политичка пропаганда, тоа е факт. Тоа е и најдобриот доказ за разликата помеѓу оние што зборуваа за спортот и оние што денес го градат спортот“ – истакна министерот Ристовски.
Министерот нагласи дека покрај инвестициите во инфраструктурата, Министерството воведе потранспарентен систем за распределба на средствата, со јасни критериуми и со цел државната поддршка за спортот да биде насочена кон спортистите, клубовите и федерациите.
„Ова не се само бројки. Ова се објекти во кои ќе тренираат нашите деца. Ова се инвестиции што ќе останат за генерациите што доаѓаат. Некој четири години ја убедуваше јавноста дека нема пари за спортот. Ние покажавме дека проблемот никогаш не бил во парите, проблемот бил во приоритетите. Кога спортот не е приоритет, се градат само изговори. Кога спортот ќе стане државен приоритет, тогаш се градат сали, базени, атлетски патеки и игралишта. Инвестираме таму каде што претходно никој не инвестираше“ – рече Ристовски.
Ристовски најави дека Министерството продолжува со нов циклус капитални инвестиции, изградба на нови спортски објекти и уште посилна поддршка за спортските федерации, клубовите и младите спортисти.
„Продолжуваме со нови капитални инвестиции, нови спортски сали, нови терени, нови проекти и уште посилна поддршка за федерациите, клубовите и младите спортисти. Нашата цел е да изградиме систем што ќе создава шампиони и инфраструктура што ќе служи со децении“ – истакна Ристовски.
Министерот за спорт во во своето обраќање истакна и дека ниеден од овие резултати немаше да биде возможен без јасната визија и довербата од претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, проф.д-р Христијан Мицкоски.







