Предлог на законот за соодветна и правична застапеност проследен на натамошно читање, ќе се одржи и јавна расправа

Со девет гласови „за“, членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска изгласаа дека Предлог на законот за соодветна и правична застапеност е прифатлив и проследен на понатамошно читање во Собранието. Членовите на Комисијата, исто така, попладнево дадоа поддршка за одржување на јавна расправа по овој Предлог на закон.

Пратениците од албанската опозиција на расправата упатија критика дека во Предлог-законот нема прекршочни мерки и како што посочија без санкции неговото спроведување ќе остане само на хартија. Додека, пак, пратениците од власта нагласија дека со предлог-законот се предвидува политичка одговорност која, како што рекоа, овозможува спроведување на закон.

Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче нагласи дека предлог-законот со општи формулации што, како што рече, не гарантираат спроведување и се потпира на политичка волја наместо на јасни обврски.

-Тоа му одговара на ВМРО за да се одржи статус кво – да има формален закон без реална примена. Не можам да ја разберам слабоста на ВЛЕН во овој процес. Постојано се повторува аргументот „зошто не го направиле другите“, но тоа не е оправдување. Законот не е донесен во минатото, но сегашните имаат одговорност. Не смееме да донесеме закон што ќе легализира неправда или нема да обезбеди правична застапеност. Имаше иницијатива за експертска група, со цел усогласување на законот на Алијансата за Албанците со останатите партнери. Таа верзија содржеше конкретни мерки: етнички квоти, рокови за корекција, конкретни механизми, посебно тело за мониторинг, обврска за извештаи во Собранието, санкции за неспроведување и за злоупотреби. Основната критика за балансерот беше дека не обезбедува точна национална база, но ни овој закон не го решава тоа и остава простор за злоупотреби – рече Снопче.

Пратеничката на ВРЕДИ, Мерита Колчи Коџаџику нагласи дека неспроведувањето на овој предлог-закон од страна на секој раководител на институција ќе се запише, ќе се евидентира и ќе стане дел од неговата политичка одговорност. Потенцира дека ова е многу посилно од една казна.

-Ова не е прашање за паркирање, ова не е прашање на техничка процедура, ова е уставно прашање. Ова е политичко прашање, ова е прашање за почитување на Рамковниот договор и почитување на уставниот поредок на државата. Затоа, овој закон изнаоѓа друг пат – патот на политичката одговорност. Ние не сакаме формално спроведување, току реално спроведување. Не сакаме некој да каже ќе платам казна и ќе продолжам понатаму. Исто сакаме секој раководител на институција да знае дека неспроведувањето на овој закон ќе се запише, ќе се евидентира и ќе стане дел од неговата политичка одговорност. Политичката одговорност може да оди до разрешување од функцијата – рече Коџаџику.


Координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку нагласи дека по укинувањето на Балансерот приоритет на Владата било работењето на донесување на закон кој има меѓународен кредибилитет и кој поминал во Венецијанската комисија.

-Тие забелешки кои вие се обидовте да ги образложите дека еден ваков сериозен закон има малку членови, всушност се демонтирани, бидејќи квалитетот на законот не се состои во бројот на членовите. Како илустрација, Уставот на Америка има 11 члена, со 27 амандмани, но е еден од најсовршените устави и служи на една од најразвиените држави во светот. Ако ви е поентата во секој говор само да кажете дека нешто не е добро, тоа не е добро за вас. Да бевте во спротивна позиција, сигурно ќе го третиравте ова како големо постигнување. Наместо да кажете „не го гласајте“, знам дека вашиот епилог ќе биде дека е срам Албанците да не го поддржат овој закон. Сите оние Албанци кои имаат право на глас, секако нема да можат да се оправдаат пред своите деца и пред општеството ако не поддржат закон кој обезбедува унапредување на правичната застапеност. Кога сме кај тоа дека нема мерки – ќе завршам, иако времето ми истече – има и прекршочни одредби, а вие ги знаете овие работи, или ги интерпретирате на свој начин, како што сакате – рече тој.

Ќоку истакна дека мерките се политички, додека законот, како што рече, е уставен.

-За разлика од мерките во Законот за јазиците, кои не гарантираа ефективно спроведување на албанскиот јазик, ние најдовме поусовршена методологија, за да не се случи истиот случај и законот за правична застапеност да не даде резултати. Мерките се политички, но законот е уставен. Ако ставиме мерки какви што предлагавте – со казни – тоа не е решение, бидејќи санкциите и глобите не се доволни и не се спроведуваат на начин кој дава резултати – рече пратеникот Ќоку.

Првиот вицепремиер и министерот за европски прашања, Беким Сали на денешното образложение на предлог-законот истакна дека начелото за соодветна и правчна застапеност произлегува од Охридскиот договор и го карактеризира мултиетничкиот карактер на Македонија. За време на разговорите за формирање на влада, како што потенцира, едно од нивните барања било и донесување на закон за правична и соодветна застапеност, затоа со задоволство можам да кажам дека за првпат правичната и соодветна застапеност се воведува како законска материја, односно се издигнува на ниво на закон.

-Балансерот беше само дигитална алатка и делумно решение која не може да се спореди со едно сеопфатно законско решение. По 23 години ние како ВРЕДИ конечно го заокружуваме ова прашање со закон. Овој закон ја ужива поддршката од Советот на Европа бидејќи за него е дадено позитивно мислење од Венецијанската комисија. Законот го штити правото на слободно самоизјаснување, но истевремено ја спречува неговата злоупотреба. Доколку се утврди злоупотреба ва оваа насока, кандидатите ќе бидат одбиени и ќе немат право да аплицират на јавните конкурси во период од три месеци – истакна Сали.  (МИА)