Дијалогот останува најсилната алатка за постигнување одржливи и избалансирани решенија на пазарот на трудот, порача министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во обраќањето на 114. сесија на Меѓународната конференција на трудот во Женева.
Во своето излагање, како што соопштија од Кабинетот на министерот, Дурмиши истакна дека Владата е цврсто посветена на реформите на пазарот на трудот, модернизацијата на трудовото законодавство и зајакнувањето на социјалниот дијалог.
Тој посочува дека глобалните предизвици, демографските трендови, технолошкиот развој, вештачката интелигенција, климатските промени и геополитичките случувања носат и нови можности, но и ризици.
-Денес светот на трудот се соочува со длабоки и брзи промени. Овие процеси создаваат нови можности, но и нови ризици за работниците, работодавачите и националните економии – истакна Дурмиши.
Во обраќањето тој потенцира дека активните мерки за вработување остануваат меѓу клучните приоритети, додека реформите во трудовото законодавство се насочени кон создавање современа и европска правна рамка.
Дурмиши ја потврди и посветеноста на државата кон меѓународните трудови стандарди, нагласувајќи дека Македонија ги има ратификувано сите конвенции на Меѓународната организација на трудот поврзани со слободата на здружување и колективното договарање.
Посебен акцент беше ставен на социјалниот дијалог како клучен механизам во креирањето политики.
-Ниту една успешна реформа не може да се спроведе без силен и искрен социјален дијалог. Дијалогот е најефикасниот пат до одржливи решенија, потенцираше Дурмиши.
Тој најави и дека наскоро ќе биде потпишана новата Програма за достоинствена работа за периодот 2026–2030 година, која, како што посочи, ќе придонесе за создавање повеќе и подобри работни места, како и за понатамошно усогласување со европските стандарди.








