Фолк-пејачката Дара Бубамара повторно се најде во центарот на вниманието на регионалната естрадна сцена, откако српските медиуми објавија детали за нејзиниот ангажман во популарното музичко шоу Ѕвездите на Гранд.
Според информациите што ги пренесуваат повеќе медиуми, пејачката потпишала договор со продукцијата на три сезони, а за секоја сезона наводно ќе добива по 100.000 евра хонорар. Тоа значи дека вкупната вредност на договорот достигнува околу 300.000 евра.
Извори блиски до продукцијата тврдат дека преговорите траеле неколку месеци, бидејќи Дара првично не била сигурна дали ќе може да ги усогласи бројните настапи и приватните обврски со работата во жирито и менторирањето на натпреварувачите. Сепак, финансиските услови на крајот биле пресудни за да ја прифати понудата.
Дополнително, дел од српските медиуми објавија дека пред да се одлучи за „Гранд“, пејачката разговарала и со продукцијата на „Пинкови ѕвезди“. Според тие информации, таму ѝ бил понуден помал хонорар, по што таа се определила за ангажманот во „Ѕвездите на Гранд“.
Дара Бубамара официјално му се приклучи на жирито на музичкото натпреварување во текот на минатата година, кога беше претставена како едно од најголемите засилувања на шоуто. Нејзиното доаѓање беше оценето како потег што треба да донесе нова енергија, динамика и дополнителна гледаност на емисијата.
Иако бројките што се споменуваат во медиумите не се официјално потврдени од продукцијата или од пејачката, приказната за наводниот договор вреден 300.000 евра предизвика голем интерес кај публиката и на социјалните мрежи.








