Радовиш во знакот на борењето: Јубилејниот 50-ти „Македонски бисер“ ја обедини регионалната боречка елита

Радовиш изминатиот викенд живееше во ритамот на борењето. Повеќе од 70 натпреварувачи од 10 држави, бројни спортски делегации, гости и љубители на спортот беа дел од јубилејното 50-то издание на Меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер“, настан кој уште еднаш ја потврди својата позиција меѓу најзначајните и најреномирани боречки турнири во регионот.

Турнирот официјално го отвори министерот за спорт Борко Ристовски, со што беше означен почетокот на ден исполнет со врвни натпревари, спортски емоции и атмосфера достојна за голем јубилеј.

Во силна меѓународна конкуренција, трофејот „Македонски бисер“ заслужено му припадна на Омер Мемеди, кој доминираше во категоријата до 92 килограми.

Признанието за најдобар домашен борец го доби репрезентативецот Расул Шапиев (74 кг), додека за најдобар странски борец беше прогласен молдавскиот репрезентативец Раду Лефтер (125 кг).


Публиката со особено внимание ги проследи настапите на Мехмет Усинов, Реџеп Хајдари и Илија Атанасов, кои со своите борби уште еднаш покажаа дека македонското борење има иднина.

Во текот на петте децении постоење, низ „Македонски бисер“ продефилирале бројни европски, светски и олимписки медалисти, што дополнително го потврдува неговото место на мапата на најзначајните боречки турнири во Југоисточна Европа.