Франција денеска побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН, бидејќи израелските сили напредуваа понатаму во јужен Либан, заземајќи историско обележје како база за проширени напади врз Хезболах, јави ДПА.
„Ништо не може да го оправда продолжувањето на израелските воени операции во Либан и сè подлабоката окупација на либанската територија“, изјави шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро за францускиот радиодифузер BFMTV.
Претходно денеска, израелската армија соопшти дека ќе го зголеми уништувањето на средствата на Хезболах откако го крена националното знаме на стратешки важниот замок Бофорт, тврдина од 12 век преку која се контролира околното подрачје, пренесе ДПА.
Баро рече дека побарал свикување на Советот за безбедност бидејќи развојот на настаните претставува понатамошна ескалација.
Иако Франција го признава правото на Израел на самоодбрана од нападите на милицијата поддржана од Иран, „ништо не го оправдува овој развој“, изјави тој за телевизијата.
Тоа, исто така, претставува „тешка грешка“ и кршење на меѓународното право, рече тој, пренесе ДПА.








