Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека заземањето на историската тврдина Бофорт, во јужен Либан, претставува „драматична промена“ во израелската политика во време кога израелските трупи, рече тој, ги продлабочуваат и прошируваат операциите во јужен Либан против либанската милитантна група Хезболах.
„Заземањето на Бофорт е драматична фаза и драматичен пресврт во политиката што ја спроведуваме“, рече Нетанјаху во видео порака објавена од неговиот кабинет, додавајќи дека издал наредба за „зајакнување и проширување на контролата врз областите што биле под контрола на Хезболах“, објавува „Тајмс оф Израел“.
Тој ја даде оваа изјава во време кога Хезболах, според израелските тврдења, продолжува со ракетни и беспилотни напади врз северниот дел на Израел од правец на Либан, додава израелскиот портал.
Нетанјаху потсети дека тврдината Бофорт има симболично значење уште од Првата либанска војна во 1982 година, кога стана едно од првите места на конфликт во кое израелските сили ја окупираа позицијата, и дека Израел ја контролирал областа за време на 18-годишната окупација на јужен Либан, сè до нејзиното повлекување во 2000 година.
„Денес се вративме во Бофорт поинаку – обединети, одлучни и посилни од кога било“, истакна Нетанјаху, наведувајќи дека Израел „ја проби бариерата на стравот“ и дејствува на повеќе фронтови, вклучувајќи ги Сирија, Газа и Либан.
Тој додаде дека според неговите податоци, Израел елиминирал околу 8.000 членови на Хезболах од почетокот на конфликтот, вклучувајќи илјадници во подоцнежните фази од војната, и рече дека операцијата ќе продолжи.
„Ќе биде потребно време, но ќе ја завршиме мисијата“, нагласи израелскиот премиер.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно денеска објавија дека израелските трупи ја освоиле стратешката тврдина Бофорт, изградена од крстоносците, во јужен Либан, додека израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека израелските сили ќе останат распоредени во стратешки важната тврдина Бофорт како дел од новата безбедносна зона што Израел ја воспостави во јужен Либан.
Тврдината Бофорт се наоѓа на висорамнина во јужен Либан и е од големо стратешко значење со децении поради нејзината контрола врз околното подрачје и нејзиниот поглед кон северен Израел.







