Нема поместување на ставовите ниту на Бугарија, ниту на Македонија по првата официјална средба на шефовите на дипломатиите на двете земји во Шведска. Бугарија бара исполнување на договореното од европскиот консензус од 2022 година потпишан од владата на СДСМ и ДУИ. Македонија бара заштита на македонското малцинство во Бугарија, барем преку имплементирање на пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на Македонците од Бугарија.
Средбата се случува во моменти кога на политичката сцена се враќа идејата за промена на концептот за проширување, овој пат предложена од канцеларот Фридрих Мерц за асоцијативно членство пред се на Украина како и за дел од земјите од Западен Балкан.
Неговата идеја, веројатно предизвикана од немањето европски одговор на 4-годишната војна во Украина, е своевиден преседан бидејќи прв пат се предлага еден вид полуинституционален статус, преку учество на Киев во Европскиот Совет, Европската комисија, Европскиот парламент. Мерц предлага дури пристап до членот 42.7 од договорот за ЕУ, клаузула за меѓусебна одбрана, слична на членот 5 од договорот за НАТО.
Тој член предвидува ако една држава-членка на ЕУ биде цел на вооружена агресија на своја територија, другите членки да имаат обврска да ѝ помогнат со сите средства што им стојат на располагање.
Тоа значи дека членките на ЕУ би имале обврска за безбедноста на Украина, во моменти на се уште активна руска агресија, на која не и се гледа крајот, но и потенцијално жариште по склучувањето мир.
Мерц знаејќи дека Украина е клучот и за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, во својот предлог го вметнува геополитичкиот императив, преку брза перспектива за пристапување и за земјите од Западен Балкан и Молдавија, иако геостратешки не можат да се мерат со Украина.
Тој предлага да им се даде привилегиран пристап до единствениот пазар, статус на набљудувач во телата на ЕУ и постепена интеграција во процесите на донесување одлуки.
За Украина, пак повикува на отворање на сите поглавја од преговорите и придружно членство пред целосното пристапување во ЕУ.
Тоа што дополнително му дава чисто политичка димензија на предлогот е што Мерц наведува дека Украина и покрај тоа што е во војна постигнала значителен напредок во процесот на пристапување во ЕУ, иако и самиот е свесен дека полноправното членство во блиска иднина е нереално.
Ако се има предвид македонскиот случај и блокадата од чуден услов, без преседан, со вметнато во преговарачката рамка билатерално прашање за уставни измени пред завршување на пристапниот процес, јасно е дека за големите сили во ЕУ, Украина е пред се.
Како противтежа на овој предлог, 5 членки на ЕУ (Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија) преку нон-пејпер предлагаат модел што би го забрзал приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ преку постепено отворање на клучни делови од единствениот европски пазар.
Како одговор на замореноста од реформи тие предлагаат државите кандидати да добиваат пристап до одделни сектори како што напредуваат во усогласувањето со европското законодавство и зајакнување на институциите за применување на истото.
Тоа што ги прави сите овие инцијативи тешко остварливи е европскиот договор, односно потребата од консензуална промена на правилата. Посебно што идејата на Мерц ги „контаминира“ 4-те столба на темелите на ЕУ – Европскиот совет, ЕК, ЕП и одбранбената клаузула од договорот.
Но, ова не е прв пат да се бара решение за „оживување“ на проширувањето надвор од воспостановената процедура. Меѓу нив концептот „Европска политичка заедница“ на францускиот претседател Макрон на држави блиски до ЕУ, без полноправно членство, но со политичка и безбедносна координација, инаку многу слична на таа на Мерц. Потоа „Европа во две брзини“, која се врати по Brexit. „Европа на концентрични кругови“, предвидуваше внатрешно јадро на Унијата, втор круг со делумно интегрирани држави и надворешен круг на асоцијативни држави. Моделот „Европска соседска политика“ од 2004, наменета за Украина, Молдавија и Грузија, кој предвидуваше длабока економска интеграција без членство, доби целосна пресвртница по руската агресија врз Украина.
Значи, моделите се повторуваат, комбинираат и трансформираат и не е неверојатно во еден момент да се постигне тежок консензус за некој од нив.
За да се постигне тоа, ќе треба да се задоволат апетитите на сите земји членки, кои нема да сакаат да се откажат од своите привилегии, пред се правото на вето.
Македонија не би требало адхок да одбие каква било финална варијанта, ако се усвои. Посебно, што официјална Софија се уште го држи во рака најсилниот инструмент, ветото, подготвена да го употреби во секој момент додека не ја оствари својата стратешка цел. Како ќе се поставува новата бугарска влада многу зависи од тоа дали конечно ќе ги спроведе пресудите на Стразбур, како што најавува Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе. Тој најави дека 17-те пресуди што сѐ уште не се целосно спроведени ја ставаат Бугарија под засилен надзор на Комитетот на министрите на Советот на Европа, со цел да се обезбеди реална примена на одлуките и целосно извршување на пресудите. Ако Софија се принуди на тоа, конечно ќе се отстрани дискриминирачката доктрина воведена уште од Тодор Живков. Ако притисокот од тоа наследство попушти, соработка е можна, па дури и како што е наведено во Договорот за пријателство и добрососедство, Бугарија да и помага на Македонија во евроинтегративниот процес.
ПС
Новата шефица на бугарската дипломатија Велислава Чамова Петрова на првата средба со министерот Муцунски порача дека Софија не попушта за преговарачката рамка и условот, вметнување на Бугарите во уставот. А, зошто би попуштила кога нема единство во Македонија околу последното што ни остана, македонскиот идентитет. Зошто би попуштила кога Филипче јавно секојдневно изјавува дека мора да се донесат уставните измени. Софија ќе чека колку што треба, во надеж дека кога/ако СДСМ ќе дојде на власт ќе и ја оствари оваа стратешка цел на Бугарија








