Европската Унија никогаш нема да може да ја игра класичната улога на посредник во напорите за ставање крај на руската војна против Украина, изјави денеска шефицата на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.
– ЕУ јасно сакаше да ѝ помогне на Украина во преговорите – им изјави Калас на новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во кипарскиот пристанишен град Лимасол.
– Но, Европа никогаш не би можела да биде неутрален посредник меѓу Русија и Украина, со оглед на тоа што блокот стои на страната на Украина и воедно ги брани сопствените безбедносни интереси – додаде таа.
Коментарите на Калас доаѓаат во контекст на дебатата за тоа дали ЕУ треба да игра поголема улога во дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина, со оглед на досегашниот недостиг на напредок во мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе ДПА.
Некои земји-членки на ЕУ, вклучително и Австрија, повикаа на назначување главен преговарач на ЕУ.
Други, како Германија – а и самата Калас – се противат на оваа идеја и најпрво сакаат да ги разјаснат стратешките прашања. Поранешната естонска премиерка исто така нагласи дека сите напори на ЕУ мора да бидат комплементарни со оние на Вашингтон.
– Ние не сме замена за Соединетите Американски Држави – нагласи таа. (МИА)








