После блескавите настапи на Junior Eurovision и San Remo Junior, и многуте освоени фестивали и престижни награди Тамара Грујеска започнува ново музичко поглавје со моќната балада „Срце знае сè“.
Песната е создадена за Тамара од двајца докажани музички имиња, пејачката Андријана Јаневска која е автор на песната во делот на музиката и аранжманот и еден од најплодните македонски текстописци Огнен Неделковски кој се потруди да создаде емотивен и квалитетен љубовен текст.

Видео записот е дело на General Film Studio и Дарио Јанковиќ и Ана Марија Јанковиќ како режисер. За шминка и фризура се погрижи Ели Илијоска а Нино Стоилковски е моделот на Max Models кој беше дел од спотот.
Тамара зад себе има веќе 4 песни од реномирани автори како што се „Имам сила“, „Кажи ми кажи ми кој“ со која настапи на детскиот Евросонг во Франција и „Само насмевни се“, но најави нови песни и настапи за оваа година како и многу бројни гостувања на интернационални музички фестивали каде што ќе ја претставува Македонија.








