Во Кочани се одржа вистински празник на спортот, исполнет со енергија, насмевки и детска радост. Над 2.000 дечиња учествуваа на „Денот на спортот“, во рамките на Плазма Спортските игри за млади, кои за првпат оваа година се одржуваат во Македонија.
Потикнување на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите е главната мисија на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – Плазма Спортските игри за млади, веќе цели 30 години. СИМ овозможува бесплатен спорт за сите деца, создавајќи еднакви можности и простор за развој на младите таленти.
Младите спортисти беа поздравени од претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, кој свечено ги прогласи Игрите за отворени, како и Александар Андов, потпретседател на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Меѓу присутните спортски асови беше и двократниот балкански шампион во карате, Филип Стојанов, кому му припадна честа да го донесе факелот и симболично да го означи почетокот на СИМ. Заедно со него, на настанот беа присутни и фудбалерките од ЖФК Кочани, кои дополнително ја збогатија спортската атмосфера.
Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов ги прогласи Плазма Спортските игри за млади отворени.
„Почитувана претседателке, почитуван претседател на Советот на Општина Кочани, почитувани професори и драги дечиња, Најсреќни сме кога гледаме радост во вашите очи, желба за игра, за дружење и за спорт. Од мое име и од име на градот Кочани, упатувам благодарност до Владата на Република Македонија, до директорката и до Министерството за спорт. Нека Плазма Спортските игри за млади во Кочани прераснат во убава традиција. Ги прогласувам Игрите за отворени“, истакна градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов.








