Меџити: Договоривме дека ќе има владина реконструкција, за ресорите уште не сме разговарале со премиерот

Копретседателот на „Вреди“ и градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денеска во изјава за медиумите истакна дека со премиерот Христијан Мицкоски уште не разговарале за деталите и за ресорите што ќе бидат опфатени со најавената реконструкција, која се очекува да биде во јуни.

– Со премиерот, со владиниот партнер, само начелно разговаравме и договоривме дека ќе има реконструкција. Но, треба да седнеме да разговараме за принципите, за ресорите и другите прашања. За тоа не сме разговарале досега во детали, рече Меџити по отворањето на затворениот базен во населбата Топанско Поле.

Тој ги повика пратениците Албанци да го поддржуваат законот за правична застапеност, кој е во собраниска процедура. Информира дека функционерите што ќе го прекршат законот, ќе може да се санкционираат и со оставка од политичката функција. Меџити се осврна и на забелешките на Зијадин Села за законот за правична застапеност.


– И јас и г. Села имавме многу можности во минатото, но не донесовме одлука, не донесовме закон за соодветна застапеност. Да седиш настрана и да изразуваш желби е лесно. Кога си Влада, мора да преговараш со владините партнери, да наметнеш решенија. И што е важно, по 25 години, првпат ова прашање ќе биде решено со закон – закон за соодветна застапеност на Албанците во државната и јавната администрација и првпат со ова прашање нема да се занимаваат министерствата и дирекциите, туку Владата, координативното тело, кое ќе го предводи првиот заменик-премиер. По донесувањето на законот, секое службено лице што ќе го прекрши законот нема да ги наруши балансерот и конкурсот, туку ќе го прекрши законот и може дури и да биде санкционирано со оставка од политичка позиција, потенцира Меџити.

За решавање на прашањето со правосудниот испит, Меџити посочи дека таму корекциите што треба да се извршат се мали и не очекува ова прашање да се одолжува.

– По 30 години, се решава проблемот за правосудниот испит. Тие (студентите Албанци) ќе може тоа да го полагаат на албански јазик, како што и студираат, и логично беше и правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, како што ќе се решаваат и други професионални испити. Ги поздравувам студентите. Мислам дека ова е заедничка победа и треба да славиме. Нема потреба за протести. Нема причина и потреба да протестираат. Заедно треба да прославиме за победата дека по 25 години, ќе може правосудниот испит да го полагаат на албански јазик, рече Меџити. (МИА)