Прмиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ, кој е во посета на Македонија, истакна дека нашата стратешка цел е да бидеме дел од Европската Унија.
-Нема повеќе можности за идентитетски отстапки, за чекор назад кога станува збор за нашите национални одредници, колкава и да е за тоа цена. Ако тоа е цената што треба да ја платиме и покрај тоа што сме вистинскиот фронтранер, додека е оваа Влада, е подготвена да ја плати таа цена. Ако навистина билатералните процеси се тие кои треба да му судат на нашиот европски пат, тогаш ние ќе се бориме на друг начин, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Посочи дека Македонија патот кон Европската Унија го започна пред 26 години со потпишување на договорот за стабилизација и асоцијалица.
-Заедно со Република Хрватска го добивме статусот кандидати, дури ние мислам и некој месец порано. Заедно со Хрватска од страна на ЕК во 2009 година го добивме првиот позитивен извештај за да почнеме преговори. За жал, нашиот пат отиде во друга насока, односно нашето интегрирање во ЕУ се претвори во билатерализација на тој процес. Позначајни беа билатералните прашања, отколку Копенхагеншките критериуми, што создаде многу фрустрации кај нас како македонски граѓани, бидејќи цениме дека многу одамна го заслуживме нашето место во рамките на тоа семејство, изјави македонскиот премиер.
Додаде дека уште едно такво барање е пред нас, а за жал тоа го прифатила претходната влада мислејќи, смета премерот, дека ако добијат бел лист хартија и го потпишат истото, ќе останат на власт.
-Нашата стратегија како Влада е поинаква. Ние ќе се фокусираме на испораката дома и на реформите кои се дел од планот за раст и реформската агенда и тука во јануарскиот извештај од страна на ЕК ние сме фронтранери. Најголемиот дел од средствата кои ЕУ ги дава на земјите дел од Западниот Балкан, ќе бидат исплатени кон нашиот буџет. Оваа динамика очекуваме да продолжи и со следниот извештај. Нашата стратегија е да продолжиме со реформите дома, тие ни требаат нас, како држава. Подготвени сме да го испорачаме акцискиот план за малцинство. И тој го работвме заедно во Брисел и со екпети од Брисел, тој е завршен. Ние испорачуваме, не зборуваме само празни зборови. Вистински сакаме да бидеме дел од таа заедница, каде одамна припаѓаме. Се додека билатералните спорови, во овој случај од една земја членка кон нас, се наша препрека, ова што одамна го заслуживме ќе се оддалечува. Не губиме надеж и енергија, силно работиме и очекуваме дека ќе ја добиеме таа шанса, нагласи Мицкоски.








