Доаѓа голем христијански празник: Кои обичаи треба да ги знаете за Духовден?

Македонскиот народ се подготвува за одбележување на Духовден, еден од дванаесетте најголеми црковни празници кој нема класично претпразненство во православниот календар.

Овој ден го означува последниот празник од Божјиот домострој и претставува директно исполнување на старозаветните пророштва за дарувањето на Светиот Дух врз луѓето.

Традицијата на одбележување е проследена со низа специфични обреди, меѓу кои и ставањето ореови лисја во облеката, што во пракса служи и како заштита од молци.

Во минатото, верниците масовно ги кителе црквите, гробовите и своите куќи со зелени гранки, гледајќи во обновата на природата симбол за обновување на сопствената духовна сила.


Во одредени региони се изведувале и масовни обреди со принесување курбан во планините за заштита на полињата од градобијни облаци, каде жените пееле посебни молитвени песни.

„Јој ти милинки Свјати Дух, / Като грмнеш и треснеш, / Сичка са гора путриса: / И мʼжку детја фаф мајќа, / И руду јагња пуд овца, / И љута змија вʼгармада. / О слушај нашта мулитва, / Мирен дʼш прати пу нива, / Пу ниви и пу љуваде…“

Како уште еден специфичен детаљ, во Гевгелиско се брзало јачменот да биде дожнеан точно до Духовден, бидејќи се верувало дека потоа почнуваат силни ветрови кои го уриваат родот.