Марија ги повикала лекарите пред нејзината смрт: Зошто немам ниту една болест на 117 години? Анализата на органите ги шокирала

Тестовите врз Марија Брањас Морера, која беше најстарата личност на светот пред да почине во 2024 година на 117 години, им донесоа на лекарите вистинско богатство од откритија.

Најдлабинското истражување за биологијата на суперстогодишниците досега покажа дека е можно да се живее до екстремна старост без слабеење на мозокот и појава на типични болести поврзани со староста. Лекарите во Шпанија спроведоа сеопфатни тестови врз Марија Брањас Морера, која беше најстарата личност на светот пред да почине на 117 години.

Тие откриле дека нејзиното тело покажувало јасни знаци на напредна возраст, но дека одредени биолошки фактори штитат од болести што обично ги придружуваат последните години од животот.

„Општото правило е дека колку сме постари, толку сме поболни, но таа беше исклучок и сакавме да разбереме зошто. За првпат, можевме да ја одделиме возраста од болеста“, рече д-р Манел Естељер од Институтот за истражување на леукемија во Барселона.

Во годините пред нејзината смрт, Брањас ги поканила лекарите да го проучат нејзиниот организам со цел да ја откријат причината за нејзината долговечност. Родена во Сан Франциско во 1907 година, таа се преселила во Каталонија во 1915 година и преживеала две светски војни, Шпанската граѓанска војна и пандемијата на коронавирусот, од која се опоравила на 113-годишна возраст.

Естељер и колегите користеле примероци од крв, плунка, урина и столица собрани една година пред нејзината смрт за да добијат детална слика за нејзината биологија. Анализите вклучувале генетика, активирање и деактивирање на гени, нивоа на протеини во крвта, метаболички процеси во телото и разновидноста на микробите во цревата.

Меѓу многуте откритија, тие откриле дека теломерите – заштитни структури на краевите на хромозомите – се екстремно кратки, што е јасен знак за стареење на клетките. Нејзиниот имунолошки систем, исто така, покажувал знаци на стареење и склоност кон воспаление, а таа имала мутации што воделе до леукемија.

Сепак, Брањас била заштитена на необичен начин. Теломерите се скратуваат секој пат кога клетката се дели, а во нејзиниот случај, тие биле толку кратки што можеби само го спречиле развојот на ракот со ограничување на понатамошната клеточна делба, објасни Естељер.


Детално испитување на нејзината ДНК откри генски варијанти кои ги штитеа срцевите и мозочните клетки од болести и деменција. Таа имала ниско ниво на воспалителни процеси во нејзиното тело, што го намалил ризикот од рак и дијабетес, како и ефикасен метаболизам на мастите и холестеролот.

„Сите овие се клучни бидејќи се поврзани со болести типични за постарите луѓе, кои на крајот ве убиваат“, рече Естељер.

Потоа тимот го испитал нејзиниот биолошки часовник врз основа на генската експресија.

„Таа беше барем 10 до 15 години помлада биолошки“, додаде Естељер.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by David Perry (@davidperrysf)

Нејзината цревна микробиота била млада за нејзините години, со изобилство на бифидобактерии што го промовираат здравјето. Нејзината долговечност не била само генетска. Брањас не била со прекумерна тежина, пиела многу јогурт, не пушела ниту пиела алкохол. Таа одржувала социјален живот, опкружена со пријатели и семејство, за што Естељер верува дека исто така придонел.

Тој се надева дека ова богатство од информации ќе им помогне на научниците да развијат нови третмани за поздраво стареење.

„Можеме да развиеме лекови кои ги имитираат ефектите на добрите гени. Родителите на Марија ѝ дале одлични гени, но не можеме да ги избереме нашите родители.“

„Овие извонредни примери за долговечност можат да откријат како да старееме пограциозно. Ако откриеме кои гени се поврзани со екстремниот човечки животен век и здравото стареење, тоа би можело да го отвори патот кон нови терапии кои ќе им овозможат на сите да живеат подолг и поздрав живот“, рече професорот Жоао Педро де Магаљанес од Универзитетот во Бирмингем.