Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина денеска едногласно ги усвои измените на Законот за служба во Оружените сили на БиХ, со кои старосната граница за професионална воена служба се зголемува на 49 години. Предлог-законот беше поднесен од пратеникот Џемал Смајиќ од Партијата за БиХ.
Со овие измени се зголемува старосната граница за служба во Оружените сили на БиХ со цел да се надмине недостигот на кадар и да се зајакне кадровската стабилност на вооружените сили.
Главната цел е модернизација на правилата за служба и нивно усогласување со стандардите на НАТО. Во текот на расправата, пратеничката Марина Пендеш, во име на Заедничката комисија за одбрана и безбедност, оцени дека станува збор за важен закон со кој ќе се овозможи Оружените сили да функционираат со полн капацитет.
Предлагачот Смајиќ потсети дека на усвојувањето на измените се работело две години и нагласи дека поместувањето на старосната граница и задржувањето на искусниот кадар ќе придонесат за функционалноста и стабилноста на Оружените сили. Тој посочи дека за спроведување на законот не се потребни дополнителни средства од буџетот и побара од Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ да го разгледа законскиот акт по итна постапка.
Во новиот закон се наведува дека максималното времетраење на воената служба за професионалните воени лица во Оружените сили на БиХ за војниците од категоријата ОР 1-4 е 30 години, но најмногу до 49-годишна возраст, во согласност со потребите на службата и исполнувањето на психофизичките стандарди. Усвоен е и заклучок со кој се бара Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ да гласа за предлогот по итна постапка.(МИА)








