Заловениот волк ќе биде 30 дена во карантин, еве каква е неговата состојба

Постојано се следи здравствената состојба на волкот кој пред два дена беше заловен во скопската населба Козле.

Од ЗОО Скопје за Курир велат дека сите резултати од направените испитувања се уште не се готови, но животното останува во карантин.

-Волкот е млад, но не доволно ухранет, претпоставуваме дека не е хранет соодветно, има 25 кг што не е соодветна тежина за возраста. Сега ќе добива соодветна храна според нутритивна табличка. Направена е биохемиска крвна анализа и чекаме резултати, инаку се останато е добро, изјави за Курир портпаролката на скопската Зоолошка градина, Тина Мицковска.

Волкот во наредниот период ќе биде во карантин и под постојан здравствен надзор.


-Одреден е 30 дневен карантин, следува прочистување од внатрешни и надворешни паразити, како и следење на неговата состојба, вели Мицковска.

Од ЗОО Скопје вчера информираа дека по детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое беше заловено во Козле е волк, а не куче или мешанец.

Потврда дека станува збор за волк пристигна и од Агенцијата за храна и ветеринарство по спроведениот вонреден надзор од страна на официјален ветеринар на АХВ.