Енрике: Најслатка и најтешко освоена титула откако сум во ПСЖ

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, оцени дека титулата која неговите фудбалери ја одбранија во француското првенство била најтешката која ја освоил со клубот од Париз откако седна на клупата во 2023 година.

„Ова е најслатката и најтешката освоена титула, најтешката во последните три години, без сомнение. За прв пат во моите три сезони тука има вистински ривал“, изјави Енрике, откако ПСЖ синоќа го совлада директниот конкурент Ленс со 2-0 на гостински терен и дојде на недостижни девет бодови предност на едно коло до крајот на сезоната во Лига 1.

За ПСЖ ова е 14 шампионска титула во Франција, а петта по ред.


„Ленс оваа сезона направи многу добра работа. Се сеќавам на одредени моменти во текот на сезоната, натпреварите што ги победија и бројот на нивни последователни триумфи … Беше тешко, мораше да се справиме со тоа“, додаде Енрике.

Избраниците на Енрике сега ги очекува финалето во Лигата на шампиони во кое на 30 мај во Будимпешта ќе ја бранат европската титула против Арсенал.

И Ленс, исто така, го очекува финале во кое може да ја заврши сезоната со трофеј, доколку на 22 мај триумфира над Ница во финалето на Купот на Франција.