КАЛАС: ЕУ ги поддржува санкциите за израелските доселеници и членовите на Хамас

Шефицата на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас, изјави дека блокот се согласил да продолжи со дополнителни санкции за израелските доселеници на Западниот Брег.

„Министрите за надворешни работи на ЕУ штотуку дадоа зелено светло за санкционирање на израелските доселеници поради насилство врз Палестинците“, напиша Калас на X.

„Тие исто така се договорија за нови санкции против водечки фигури на Хамас“, напиша таа без да именува конкретни лица, пренесе ДПА.

„Крајно време беше да се поместиме од ќор-сокакот кон реализација. Екстремизмите и насилството носат последици“, нагласи таа.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, во објава на X одговори дека „Израел цврсто ја отфрла одлуката за воведување санкции против израелски граѓани и организации“.

„Европската унија избра, на произволен и политички начин, да наметне санкции на израелски граѓани и ентитети поради нивните политички ставови и без никаква основа“, напиша тој.

Договорот постигнат денеска ќе ја почне законодавната процедура во ЕУ за воведување на санкциите, што значи дека тие подоцна ќе стапат во сила.


Плановите за санкционирање на поединци и организации вклучени во проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим со замрзнување на имот и забрани за патување беа во застој бидејќи Унгарија, под поранешниот премиер Виктор Орбан, се спротивставуваше на тој потег.

Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, рече дека по промената на владата во Будимпешта, договорот станал возможен.

Сепак, пред одлуката, Калас призна дека засега нема доволен консензус меѓу земјите на ЕУ за продолжување со пошироки мерки, додека некои членки повикуваат на ограничување на трговијата со стоки од израелските населби.

Шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, повика на царини за таквиот увоз, како и за воведување санкции за „израелските министри кои ги поттикнуваат овие населби“.

Стенергард рече дека се надева оти нејзиниот предлог за воведување царини на стоки од населбите ќе добие доволна поддршка, бидејќи тоа е „среден пат“ меѓу оние кои повикуваат на забрана за трговија и оние кои се противат на понатамошни мерки.

Германскиот државен министер, Гинтер Крихбаум, рече дека Берлин е посветен на продолжување на дијалогот со Израел и се „обидува да влијае врз владата, а со тоа и врз регионот“.