Фудбалерите, стручниот штаб и медицинскиот тим на ФК Тиквеш покажаа хуманост откако на враќање од натпревар во Скопје застанале да помогнат на повредени лица во сообраќајна несреќа кај клучката во Мирковци, објаци ТВ Стар.
Автобусот со кој се враќале играчите по победата над Македонија ЃП запрел кога забележале несреќа на автопатот, по што дел од медицинскиот персонал и членовите на тимот веднаш притрчале да укажат прва помош на настраданите.
Според објавите, лекарите, физиотерапевтите и дел од фудбалерите реагирале брзо и помогнале во стабилизирање на повредените лица додека пристигнале надлежните служби.
Од клубот и јавноста беше порачано дека овој чин претставува пример за хуманост и солидарност, при што беше истакнато дека „човечкиот живот е највисока вредност“.
Настанот предизвика позитивни реакции во јавноста, а кавадарчани беа пофалени за брзата и несебична реакција во критичен момент.








