Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска на својот профил на Фејсбук објави видео на кое се гледа како спречува обид за нелегално истурање градежен шут на дива депонија во населбата Ново Лисиче.
Во објавата, Митески посочува дека инцидентот се случил во време кога граѓаните, институциите и волонтерите се вклучени во акцијата „Генералка Викенд“, чија цел е почиста и поздрава животна средина.
„Ваквото неодговорно и несовесно однесување мора јавно да се осуди, особено во денови кога сите заедно се бориме за почиста и поздрава животна средина“, напиша Митески.
Тој информираше дека случајот веднаш бил пријавен во полиција, како и до комуналните служби, со цел да се преземат понатамошни мерки против сторителите.






