Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата.
Во делот „БИСТРИ” настани за месец април 2026-та година, се издвојуваат зголемената транспарентност и намалениот застој на предметите во Основниот кривичен суд во Скопје.
Како што е наведено во извештајот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, од вкупниот број на предмети во работа, овој суд решил 86,19% од предметите.
Позитивна оценка се истакнува и за приближување на работата до јавноста, односно Кривичен се оценува како суд со зголемена транспарентност.
-Над 7.000 пресуди во Кривичен за три месеци: 620 пресуди за полнолетни, 6534 прекршоци во квартал – Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ја приближи својата работа до јавноста. Во првиот број, судот излегува со конкретни бројки за сработеното во првиот квартал од 2026 година, но и со примери од судската практика и пораки за јакнење на довербата во правосудството. Според објавените податоци, во период од три месеци донесени се 620 пресуди за полнолетни сторители, 60 за малолетници и дури 6534 пресуди во прекршочна постапка, се наведува во извештајот на Транспаренси.
Во делот за организиран криминал и корупција, судот информира дека биле определени повеќе видови мерки, меѓу кои ефективни притвори, куќни притвори и мерки на претпазливост, како и пресуди врз основа на спогодби.
-Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во извештајната 2025 година го совладал приливот и го намалил заостатокот. Од вкупниот број на предмети во работа решил 86,19% од предметите. Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во 2025 година е ажурен суд, стои во извештајот.







