Фудбалската федерација на Македонија со особена гордост информира дека нашиот национален кондиционен тренер на фудбалските судии, Сашо Даневски, од страна на УЕФА официјално е назначен за главен фитнес тренер на елитните судии во Европа.
Даневски на први јули ќе ја преземе одговорноста за физичката подготовка, мониторингот и развојот на елитните судии на УЕФА, како и лидерска улога во координацијата на кондиционите тренери од 55-те национални асоцијации членки на УЕФА.
Во изминатите години, Даневски континуирано и посветено ја градеше својата меѓународна кариера во системот на УЕФА. Неговиот професионален пат започна како асистент тренер на курсеви за млади и талентирани судии, по што следуваше активно учество на летни и зимски семинари за елитни судии, програмата „Talent & Mentor“, како и самостојно водење повеќе месечни курсеви и специјализирани тренинг-активности.
На три последователни работилници, Даневски беше ангажиран како инструктор за националните кондициони тренери, а неговата експертиза беше потврдена и преку ангажманот на двете големи европски натпреварувања, Европското првенство за мажи во 2024 и Европското првенство за жени во 2025 година, каде што беше дел од турнирите до самата завршница.
Веќе подолг период, Даневски е одговорен за индивидуални анализи од реализираните семинари со најдобрите европски судии, анализа на натпревари, како и за подготовка и реализација на комплексни тренажни содржини насочени кон носење судиски одлуки под притисок и во услови на висок физички интензитет.
До овој момент, Сашо Даневски директно учествувал во успешната реализација на 33 семинари и работилници на УЕФА, додека како експерт на Фудбалската федерација на Македонија бил ангажиран и во спроведување национални семинари во Швајцарија, Србија, Црна Гора и Саудиска Арабија.
Ова назначување претставува огромно признание за Даневски, но и за Фудбалската федерација на Македонија, македонската судиска организација и стручниот кадар кој сè повеќе се позиционира на највисоко европско ниво.
Особено значајна во овој процес е континуираната поддршка што судиската организација на Фудбалската федерација на Македонија ја добива од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.







