Апелациониот суд ја потврди суспензијата на Начевски и Николов!

Европската ракометна федерација преку Апелацискиот суд ја потврди одлуката на Судот за ракомет во случајот против македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Пред почетокот на Европското првенство 2026, ЕХФ ја повлече нивната номинација поради сомнежи за манипулација со видео-снимки од таканаречениот „Мултистејџ фитнес тест“.

По експертска анализа спроведена од интегритет-партнерот на ЕХФ, Спортрадар,

Судот за ракомет заклучил дека видеата биле манипулирани, по што биле изречени санкции кои сега се и официјално потврдени.


Двајцата судии добија двегодишна суспензија од вршење каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во активности под капата на федерацијата, поради, како што е наведено, сериозно неспортско однесување.

Покрај суспензијата, Начевски и Николов ќе треба да платат и парична казна од по 5.000 евра поради прекршување на Кодексот на однесување на ЕХФ.

Според правилата, постои можност за жалба до Европскиот ракометен арбитражен суд во рок од 21 ден.