Во рамки на широка кампања за промоција на органодарителството, која се реализира под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, докторите кои се директни учесници во овој процес, апелираат дека токму дарувањето органи е најхуман и најблагороден чин на човекот што може да се направи за продолжување на животот на друг човек.
-Со дарување органи ние можеме да спасиме животи и да им дадеме втора шанса на сите кои се борат со тешки болести. За жал, многу пациенти секој ден се соочуваат со несигурност и ја губат надежта поради недостиг на донори, затоа е многу важно да ја зголемиме свесноста за важноста на кадаверичната трансплантација во нашето општество. Еден донор може да спаси неколку животи – ова е акт на солидарност, хуманизам и љубов кон животот. Разговорот со семејството за оваа тема и информирањето за можностите за дарување се важни чекори кон промена. Да покажеме дека сме општество кое се грижи еден за друг. Таму каде што еден живот завршува, може да почне друг живот. Затоа, треба да даруваме живот, биди херој, потенцира д-р Башким Шабани, научен соработник и директор на Клиниката за урологија.
Во оваа насока, министерот за здравство, Азир Алиу посочува дека пораката на докторите кои секојдневно се соочуваат со пациенти што чекаат трансплантација е најсилниот повик за поголема општествена свест за потребата од дарување органи.
-Органодарителството е длабока човечка одлука со која надежта продолжува да живее. Наша обврска е како институции да го развиваме системот, да работиме на зголемување на довербата и да создаваме култура во која дарувањето органи ќе биде препознаено како чин на солидарност, емпатија и највисока почит кон животот, истакнува министерот Алиу.







