Катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман ал Тани денеска изјави дека постои „голема веројатност“ дека САД и Иран ќе постигнат договор.
Тој ја осуди употребата на Ормуска Теснина како средство за притисок, истакнувајќи оти секој договор мора да ги земе предвид интересите на регионот.
Неговата изјава уследи откако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи изјави дека Исламската Република ги разгледува предлозите на САД за завршување на војната и оти ставот ќе биде презентиран на Пакистан.
Претходно, претседателот на САД, Донлад Трамп изјави дека веќе е постигнат „голем напредок“ кон сеопфатен договор помеѓу Вашингтон и Техеран и оти операцијата „Проект слобода“ за отворање на Ормуска Теснина привремено ќе биде суспендирана.
Трамп потенцира дека ако Иранците не се согласат со предлогот, Иран повторно ќе биде бомбардиран „многу пообемно и поинтензивно од претходно“.
Претходно Аксиос објави дека Белата куќа верува дека се приближува до потпишување меморандум за разбирање со Техеран за завршување на војната.
Според порталот САД очекуваат Иран да одговори на неколку клучни предлози во следните 48 часа.
Меморандумот за разбирање се состои од 14 точки за кои беше договорено меѓу Трамп, неговите специјални пратеници – Стив Виткоф и Џаред Кушнер, и неколку ирански претставници.
Сегашната верзија на меморандумот предвидува прогласување крај на војната во регионот и започнување на 30-дневен период на преговори.
Аксиос, повикувајќи се на два неименувани извори, наведе дека преговорите за детален договор за отворање на Ормуска Теснина, ограничување на нуклеарната програма на Иран и укинување на санкциите на САД би можеле да се одржат во Женева.








