Треба да избегнувате седење со прекрстени нозе подолг временски период бидејќи тоа може да предизвика нееднаков притисок врз колковите, карлицата и долниот дел од грбот.
Остеопатот Анита Џоши, која има две децении клиничко искуство, објасни дека главниот проблем е асиметријата. Кога седите со прекрстени нозе, едниот колк ротира додека другиот останува во понеутрална положба, предизвикувајќи едната страна од карлицата, колкот и долниот дел од грбот да работат поинаку од другата.
Таа, исто така, изјави за Метро дека со текот на времето, таквата нерамнотежа може да придонесе за стегање на мускулите околу колковите, нееднаков притисок врз долниот дел од ‘рбетот и непријатност што луѓето често не ја поврзуваат веднаш со начинот на кој седат.
Експертот, исто така, предупредува за влијанието врз циркулацијата. Прекрстувањето на нозете преку колената може привремено да го зголеми крвниот притисок, бидејќи горниот дел од ногата врши притисок врз вените во долниот дел од ногата.
Таа наведе подобра седечка положба каде што двете стапала се рамни на подот, колената на или под нивото на колковите, а долниот дел од грбот е лесно потпрен. Сепак, таа нагласува дека поважно од „совршената“ положба е редовно да го менувате држењето на телото.
„Поважно од наоѓањето на „совршената“ положба е редовно да ја менувате. Дури и ако тоа значи менување на тежината, истегнување на нозете или стоење неколку минути на секои 30 до 40 минути“, рече Џоши.
Таа нагласува дека проблемот не е само начинот на кој седите, туку и продолжената неподвижност, бидејќи тогаш мускулите почнуваат да се заморуваат, циркулацијата се забавува, а зглобовите не го добиваат движењето што им е потребно за да останат здрави.








