Ибраимов од валандовско Калково со посебна машина за топол воздух ги спасува јапонските јаболки од ниските пролетни температури

Усеин Ибраимов од валандовското село Калково, со посебна машина за топол воздух ги спасува дрвцата од јапонските јаболки од нивите што ги обработува, од ниски пролетни температури.

Во изјава за МИА, тој подвлекува дека за две вакви машини биле платени околу 120 илјади евра, или, отприлика толку, колку што, претходно, за една година се губеле, поради намалениот род како последица на ниски пролетни температури.

-Инвестицијата е исплатлива. Се купува еднаш и се користи со години. Машината е автоматска, со сензор и самата се вклучува при ниски температури и произведува топол воздух, со што се заштитуваат дрвцата од ниски температури и од мрзнење. Купени се две машини за површина од околу 170 декари. Една машина е за околу шеесет декари, остана дел од насад само необезбеден, ама има косина и физички не е можно да се постави уште една машина“, појаснува тој.


Машината ги штити дрвцата до минус шест степени. Една машина е висока 11 метри, има перка од шест метра и се врти 360 степени. Ја викаат, хеликоптерска перка.

-Нашите јапонски јаболка одгледувани во валандовското село Пирава главно ги извезуваме во Турција. За овие две површини имам ортак од Турција, кој инвестираше во машините за топол воздух. Моето семејство обработува лично, плус околу 50 декари со дрвца, калинки“, споделува овој земјоделец.