Речиси 200 лица се приведени во операција на турските сили за безбедност против организиран криминал

Турските сили за безбедност уапсија вкупно 198 лица во операции против шеснаесет различни криминални групи во 16 региони во земјата, соопшти турската државна телевизија „ТРТ Хабер“.

Операциите се извршени во градовите Ерзурум, Сакарија, Ајдин, Кајсери, Адана, Мугла, Ескишехир, Битлис, Кахраманмараш, Маниса, Баликесир, Тунџели, Текирдаг, Синоп, Гиресун и Агри.

Операциите се спроведени во координација со одделите за борба против шверцување и организиран криминал (KOM) при Главната команда на жандармеријата и Генералната дирекција за борба против кибер-криминалот, во соработка со главните обвинителства и Комисијата за истражување на финансиски криминал (MASAK), се наведува во соопштението на турското Министерство за внатрешни работи, цитирано од телевизијата.

При операциите биле приведени вкупно 198 лица, осомничени за учество во различни кривични дела.

Со судска одлука, на 105 лица им е одредена мерка притвор. На преостанатите 75 лица им е изречена мерка „судска контрола“ до почетокот на судскиот процес.


Како резултат на техничкото и физичкото набљудување од страна на безбедносните сили, утврдено е дека дел од групите измамиле многубројни граѓани во Ерзурум, Сакарија, Ајдин, Кајсери и Гиресун со ветувања за „инвестициски консултации“ преку социјалните мрежи. Други се обиделе да извлечат незаконска финансиска корист од бизнисмени и фирми во Адана и Мугла преку присила и закани.

Неколку групи организирале нелегален шверц на дрога од окрузите Кахраманмараш и Агри во источна Турција кон Текирдаг во западна Турција.

Криминалните групи во црноморскиот регион Синоп управувале со нелегални сајтови за обложување и олеснувале парични трансфери. Групите кои дејствувале во округот Тунџели вршеле фалсификување на официјални документи.

Во Маниса се занимавале со шверцување оружје, а во Баликесир, Ескишехир и Битлис практикувале незаконско лихварство, наметнувајќи високи каматни стапки.

Со одлука на судските органи биле блокирани над 1.000 банкарски сметки, конфискувани се 24 имоти и 16 возила. При претресите на адресите на приведените лица се одземени многубројни дигитални материјали, документи, различни суми на пари и наркотични супстанции, се наведува во соопштението.