Божиновска: Први мај нека биде потсетник дека начинот на кој се однесуваме кон трудот – кажува каква држава градиме

Први мај нека биде потсетник дека начинот на кој се однесуваме кон трудот – кажува каква држава градиме, напиша денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на нејзината Фејсбук-страница.

– Први мај – за луѓето што ја движат државата. За оние што знаат дека вредноста не доаѓа преку ноќ, туку со знаење, труд и достоинство. За оние што со право очекуваат нивниот труд да биде виден, признаен и почитуван – истакна Божиновска.

Без вистинска почит кон трудот, како што додаде министерката – нема напредок.

– Успехот секогаш е огледало на тој однос. Како министерка, мојата обврска е јасна – да градиме средина во која трудот се вреднува, а довербата се заслужува. Средина во која младите гледаат перспектива, а искусните сигурност. Во која успехот не е привилегија, туку резултат – и секој знае дека неговиот придонес има тежина. Први мај нека биде потсетник дека начинот на кој се однесуваме кон трудот – кажува каква држава градиме. И поттик – да бараме повеќе, да градиме подобро и да не прифаќаме помалку од она што го заслужуваме. Среќен 1 Мај – Денот на трудот – порача министерката Божиновска