ЈАНЕВСКА: Ќе продолжиме со зголемување на мотивацијата и подобрување на статусот на вработените во образовните и науката

Честит 1 Мај – Меѓународен ден на трудот. По повод денешниот празник, упатувам искрени честитки до сите работници кои со своето знаење, вештини и посветеност, одговорно придонесуваат за функционирањето на нашето општество и за неговиот континуиран развој, напиша министерката за образование и наука Весна Јаневска на нејзината Фејсбук-страница.

Како министерка задолжена за ресорот образование и наука, уверувам дека институцијата која ја раководам ќе продолжи посветено да креира и спроведува политики насочени кон зголемување на мотивацијата и подобрување на статусот на вработените во образовните и научните установи – се наведува во објавата.

Министерката додава дека во изминатиот период, платите во училиштата се зголемени за над 20 проценти, а на универзитетите за над 14 отсто.


Паралелно, инвестираме во инфраструктурата со цел создавање поквалитетни услови за работа, градиме систем кој овозможува сигурен кариерен и професионален развој и носиме решенија преку инклузивен процес во кој секое мислење и придонес имаат своја вредност – додава Јаневска.

Таа порачува да се продолжи со меѓусебната поддршка и заеднички да се залага за подобро утре.

Заедно да ја градиме Македонија како земја со повисок животен стандард, со можности за личен просперитет на секој граѓанин, и како праведно општество со еднакви можности за сите – додава Јаневска.