АД МЕПСО ја информира јавноста дека постапката за избор на изведувач за проектот за изградба на 400 kV интерконективен далекувод помеѓу Република Македонија и Република Албанија се спроведуваше во целосна согласност со највисоките меѓународни стандарди, правилата на ЕБРД и важечките национални закони.
Сите постапки се спроведени под директен надзор и согласно строгите правила на European Bank for Reconstruction and Development, што претставува дополнителна гаранција за законитост, транспарентност и меѓународна усогласеност.
Изборот се прави според процедурите на ЕБРД. Во овој процес, ние како инвеститор имаме само една улога, да ги оцениме референците и перформансите на компаниите, без никаква субјективност или влијание. За среќа, во овој проект имаме докажана хрватска компанија, како во регионот така и во Европа и пошироко, што претставува гаранција за успешна реализација на проектот.
Во контекст на новата постапка, избраната компанија Dalekovod d.d., која е носител на конзорциумот, претставува еден од најреномираните регионални и европски субјекти во областа на електроенергетската инфраструктура.
Станува збор за компанија која:
– е основана во 1949 година и има повеќедецениско искуство во изградба на високонапонски далекуводи;
– е листирана на загребската берза и функционира според највисоки стандарди на корпоративно управување;
– е дел од индустриската групација KONČAR Group, што обезбедува дополнителна финансиска и технолошка стабилност;
– остварува годишен обрт од стотици милиони евра и бележи континуиран раст;
Компанијата има реализирано проекти во повеќе од 80 држави, вклучително и:
– земји од Европската Унија (Германија, Словенија, Хрватска),
– Скандинавија (Норвешка, Шведска),
– Западен Балкан (Албанија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина).
Во своето работење, Dalekovod соработува со водечки европски и светски оператори на преносни системи, меѓу кои:
– Statnett од Норвешка,
– Svenska Kraftnät од Шведска,
– TenneT од Германија,
– National Grid plc од Велика Британија,
– OST од Албанија.
Дополнително, компанијата располага со развиена мрежа на подизведувачи и партнери од повеќе држави, вклучително:
– земји од Балканот (Хрватска, Албанија,Србија, Босна и Херцеговина, Македонија),
– земји од Европската Унија (Германија, Австрија, Италија, Франција),
– Скандинавски пазари, каде работи по највисоки технички стандарди.
Овој модел на работа обезбедува комбинација од локална експертиза, регионално искуство и европски технолошки стандарди.
АД МЕПСО останува целосно посветен на транспарентно, законито и одговорно спроведување на сите постапки, со крајна цел – успешно и навремено реализирање на проектот за електроенергетска интерконекција со Република Албанија.
Изборот на реномиран и докажан изведувач, кој работи по највисоки европски стандарди, претставува гаранција за квалитетна реализација на проектот, кој предолго време беше блокиран.
АД МЕПСО ќе продолжи транспарентно да ги споделува сите информации со јавноста. Потенцираме, дека било кој медиум кој има потреба од дополнителни информации, може да се обрати до компанијата, велат од компанијата.








