Иџе овој викенд на спектаклот во Котор

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе, овој викенд ќе биде дел од престижната меѓународна ридско-брзинска трка во Котор, една од најатрактивните и најпосетени трки во регионот.

Во паузата од настапите во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC), Стефановски ја прифати поканата на организаторите и ќе се натпреварува рамо до рамо со повеќе од 130 врвни возачи. Трката, која ја организираат Автомобилскиот и картинг сојуз на Црна Гора и АМСК Котор, претставува важен настан што се бодува за шампионатот на Црна Гора, првенството на Хрватска, како и за Адриатик и Котор куповите.


„Ми претставува особена чест и задоволство што повторно ќе бидам дел од оваа трка, која со години важи за една од најквалитетните во регионот. За мене, Котор има и лично значење, тука растев и се развивав како автомобилист. Ова е можност повторно да застанам пред балканската публика и моите пријатели. Особено ме радува што публиката во Котор за првпат ќе има можност да го види моето црвено Ферари, на ваков настан. Очекувам одличен викенд и вистински тркачки спектакл“, изјави Стефановски.

Тимот на Видеолотарија Касинос Австрија и овојпат силно верува во него. Ние сме горди што повеќе од една деценија заедно навиваме за Иџе и Македонија.