Две награди за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје на фестивалот на монодрамата во Битола

На синоќешното свечено затворање на 27. Интернационален фестивал на монодрама – Битола (2026) се доделија четири фестивалски награди од кои претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје доби две награди.

Меѓународното жири во состав: Анџелина Роска од Молдавија, Каролајн Бернс Кук од Велика Британија, Кире Ѓоревски од Македонија, со едногласна одлука ги додели овогодишните награди на најистакнатите остварувања на фестивалот.

– Наградата гран при на фестивалот ја доби претставата „Ноти“ од Романија во продукција на Театар „Тони Буландра“, во режија на Касандра Топологеану и актерот Андреа Танасе.
– Наградата за најдобар актер ја доби актерот Јано Изорија од Грузија за претставата „Кваркваре“ во режија на Саба Асламазишвили на Театарот „Поти Валеријан Гунија“.
– Наградата за најдобра режија ја доби режисерката Жива Бизовичар од Словенија за претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје и
– Наградата од публиката на 27. Интернационален фестивал на монодрама – Битола (2026) ја доби претставата „Џеки“ во продукција на Драмски театар Скопје. Режисер на претставата е Жива Бизовичар од Словенија.

Жирито во Одлуката за награда за најдобра режија доделена на режисерката Жива Бизовичар за претставата „Џеки“ на Драмски театар Скопје образложува: „Делото се издвојува по суптилна работа со актерот и способноста органски да се води изведувачот низ премините од една внатрешна состојба во друга, создавајќи континуиран и психолошки веродостоен тек на сценскиот живот. Посебно се истакнува вештината во градењето на темпото-ритамот на актерската игра: претставата ‘дише’, се развива и ја одржува напнатоста преку прецизно одмерени паузи, забрзувања и внатрешна динамика“.


Во образложението на Одлуката за наградата од публиката се вели: „Претставата која се издвојува со прецизна и концептуално јасна сценска артикулација на драмски текст кој ја проблематизира позицијата на жената како медиумски и културен конструкт. Преку внимателно изграден сценски јазик и силно актерско присуство, се отвора сложен дијалог меѓу приватното и јавното при што личната траума се трансформира во колективен медиумски посредуван наратив. Изведбата уверливо ја гради тензијата помеѓу симболот и индивидуата, откривајќи го процесот на бришење на субјективноста зад наметнатите општествени и идеолошки проекции. Со суптилни, но прецизни изразни средства се нагласува драматуршката линија на внатрешен отпор и тивка деконструкција на наметнатите модели на женственост. Претставата остварува силна комуникација со публиката оставајќи впечаток преку својата актуелност, емоционална слоевитост и критичка рефлексија на современите општествени и медиумски механизми“- стои во образложението.

Театарската фела и организаторите на Фестивалот упатуваат честитки до сите наградени и учесници на фестивалот што годинава под мотото „Огледало на вистината“ потврдија дека „Еден актер. Една сцена. Една вистина.“ се доволни да се создаде цел универзум од емоции, приказни и трансформации.

Во чест на наградените, учесниците на фестивалот и битолската фестивалска публика во преполната сала на Центарот за култура во Битола вчеравечер се играше претставата „Гидионовиот јазол“ на Драмски театар Скопје во режија на Драгана Милошевски-Попова во која улогите ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.