Во годинашниот Индекс на слобода на медиумите во светот, објавен од Репортери без граници, Србија падна на 104-то место од вкупно 180 земји, што ја прави најлошо рангирана земја во регионот.
Во споредба со лани, регистриран е пад од осум позиции, што дополнително го потврдува негативниот тренд кога станува збор за состојбата со слободата на медиумите.
Според извештајот, новинарите во Србија се соочуваат со сериозен притисок.
Се издвојува 2025 година, кога новинарите што известуваат за антивладините протести претрпеа рекорден број физички напади – најмалку 100, а во многу случаи учествуваа и припадници на полицијата.
„Во политичка клима што стана уште пополаризирана од антивладините протести во периодот 2023-2025 година, новинарите често се цел на напади од членови на владејачката елита предводена од претседателот Александар Вучиќ, предатор на слободата на медиумите, кои се интензивираат од одредени национални телевизиски канали“, се вели во извештајот.
Репортери без граници, исто така, укажува на сериозни проблеми во функционирањето на институциите. Судскиот систем, што треба да ги заштити новинарите, се уште не покажал доволна независност и ефикасност во гонењето на напади, убиства и тужби за SLAPP.
Работата на телото за безбедност на новинарите е дополнително попречена од недостатокот на политичка волја, што доведе до бојкот на тој механизам од страна на медиумите.
Финансиската зависност на медиумите е исто така голем проблем – поголемиот дел од приходите доаѓаат од рекламирање и нетранспарентни државни субвенции, пристапот до кои во голема мера е контролиран од владата, што директно влијае на уредувачката независност. (МИА)








