Со завршни зборови денеска пред Основниот кривичен суд Скопје беше заокружено судењето против тројцата обвинети полицајци од Кочани – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков. Во завршните обраќања, Обвинителството побара осудителна пресуда поради неизвршување на службена должност, додека одбраната побара ослободување на обвинетите, оценувајќи дека вината не е докажана. Пресудата, како што соопшти судот, ќе биде изречена на 5 мај.
Во завршниот збор, Јавниот обвинител, Спасенка Андонова, истакна дека во текот на постапката биле изведени бројни материјални и вербални докази кои, според обвинението, јасно ја прикажуваат хронологијата на настаните и пропустите на обвинетите како службени лица. Обвинителството смета дека Кире Богатинов и Горан Лазаров, во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година, не постапиле целосно по анекс-плановите за акциска контрола и не ги извршиле своите службени обврски при составувањето записници за контрола на кабарето „Пулс“ во Кочани.
Обвинителката Андонова нагласи дека обвинетите прифатиле усни претставувања од лице кое не било соодветно легитимирано и не побарале потребна документација.
– Од анализата на доказите неспорно произлегува дека обвинетите не ги извршиле своите службени должности, што резултирало со прибавување имотна корист – неповедување прекршочна постапка за правното лице „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани“ – изјави Андонова, додавајќи дека ваквите постапки претставуваат суштинска повреда на законските обврски.
Во однос на третообвинетиот Александар Темелков, обвинителството тврди дека тој, при одобрување на барањата за поведување прекршочна постапка, не ја проверил целокупната документација и покрај тоа што бил должен да го стори тоа, туку ги потпишал и доставил до судот, со што, според обвинението, придонел за незаконитите последици.
Одбраната, пак, во своите завршни зборови побара ослободителна пресуда за сите обвинети. Бранителот на Кире Богатинов оцени дека доказите наместо да ја потврдат тезата на обвинителството, покажале дека таа е „неоснована и правно погрешна“. Според одбраната, обвинителството не успеало да докаже дека е сторено кривично дело, ниту дека постои утврдена имотна корист – како клучен елемент за кривична одговорност.
– Не може да станува збор за неизвршување на службена должност, бидејќи обвинетите не можеле да прекршат обврска што не постои, како на пример барање лиценца која не била во нивна надлежност – беше истакнато во одбраната.
И двајцата обвинети, Богатинов и Лазаров, во своите лични обраќања пред судот изјавија дека во сите акциски контроли постапувале согласно законите и дека не се чувствуваат виновни. Лазаров повторно побара вештачење на записникот за кој обвинителството тврди дека е негов.
Бранителот на третообвинетиот Александар Темелков оцени дека се работи за „паушален обид“ да се утврди вина и дека со ниту еден доказ не е потврдена директна умисла кај неговиот клиент. Темелков, пак, пред судот ги отфрли сите обвинувања, изјавувајќи дека дејствувал совесно, стручно и согласно закон.
Според обвинението, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров како службени лица не постапиле целосно по анекс-плановите за акциска контрола при составување записници, во кои иако биле евидентирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани, додека третообвинетиот Александар Темелков, при одобрување барања за поведување прекршочна постапка, не ја проверил целокупната документација и покрај законската обврска, туку ги потпишал и доставил до судот, при што постапките биле водени против неактивно правно и физичко лице, а со ваквите дејствија, според Обвинителството, била прибавена имотна корист – неповедување прекршочна постапка за „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани – подружница „Кабаре Пулс“ и за одговорното лице. (МИА)








