Анализа: Дали Бугарија има пријателски намери, со Радев-премиер ќе дознаеме?!

Речиси 30 години од последната партија која имала апсолутно мнозинство во бугарскиот парламент (Сојуз на демократски сили 137 пратеници) и 17 години откако ГЕРБ на Бојко Борисов имаше стабилна влада (116 пратеници), Румен Радев и неговата Прогресивна Бугарија ќе ја има комоцијата да владее без стрес и без непосакувани политички компромиси за да остане на власт. Бројот на освоени мандати, 131 му даваат на Радев можност да владее како што смета и да одлучува како што мисли без да се вади на притисок од коалиционите партнери.

Зошто е тоа важно за Македонија?

Зошто македонската влада бараше стабилен соговорник за решавање на отворените прашања.

Прво, за  воопшто да има дијалог, без политички калкулации. Сега ќе се види дали Бугарија сака пријателски односи со својот сосед, братски народ како што милува Софија да не нарекува, или не. Сега ќе се види дали одредбите од договорот за добрососедство за поддршка и помош на македонските евроинтеграции се обични флоскули или имаат своја тежина.

Второ, ако Радев е креатор на барањето Бугари во уставот, за отворање на поглавјата и креатор на барем 2 вета од Софија, од релаксираната позиција на претседател на државата, сега од позиција на претседател на извршната власт ќе ја има одговорноста и пред Брисел и пред граѓаните од двете земји.

Трето, ако Радев сака добри односи со Македонија и силна и безбедна ЕУ, ќе прифати дијалог, па и од позиција на посилна држава и членка на Унијта. Во спротивно ќе ја потврди стратешката доктрина на официјална Софија „еден народ во две држави“ и стравувањата на македонската влада дека преговарачката рамка не обезбедува непречен пат на преговори, туку постојани закани со вето ако „не свириме по бугарски ноти“.

Четврто, ако досега декларациите на бугарскиот парламент поврзани со Македонија и македонскиот евроинтегративен пат, беа пречка за храбри одлуки на бугарската влада, сега апсолутното мнозинство на Радев ја има комоцијата да донесе нова декларација со која ќе ја потврди желбата за соработка со Македонија и поддршката да стане членка на ЕУ, без други условувања.


Иако Радев е оценет како проруски политичар, негатор на се што е македонско, бранител на бугарското гледање на историјата, сепак позицијата од која сега ќе ја креира политиката ќе има поинаква диоптрија од Брисел. Сега од позиција на извршна власт ќе биде под притисок за спроведување на десетината пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во корист на Македонците. Посебно што несоработката на Софија со Стразбур е ставена под лупа и на Комитетот за човекови права на ООН и на Комитетот на министри на Советот на Европа. Ако на тоа се додаде и инетерсот на Европарламентот на истата тема, Радев ќе треба да одлучи дали и натаму ќе ги игнорира сите, или ќе прифати еден од условите на македонската влада за вметнување на Бугарите во уставот.

Своја иницијатива ќе треба да покаже и шефицата на македонската држава, посебно околу, како што ги нарече креативните решенија кои можат да го решат проблемот.

Од друга страна, се погласните апели од авторитетите од ЕУ дека новата реалност налага нови решенија, премостување на билатералните вета и нова обединета Европа како противтежа на безбедносните и економски предизвици од Русија и Кина, јасно е дека Радев ќе мора да носи одлуки, многу поразлични од удобниот претседателски кабинет.

За почеток добро е да се договорат првите средби и да се покаже желба за дијалог. Дијалог кој ќе ја расчисти какафонијата од изјави од бугарски авторитети дека Софија има или нема други барања на македонскиот европски пат.

ПС

Ако ставот на македонската влада е дека нема преговарање за македонскиот идентитет, гарантирање дека нема да има други билатерални барања на евроинтегративниот пат и дека Макеоднците каде и да се, па и во Бугарија мора да имаат свои права, тогаш тоа е добра појдовна точка од која треба да тргне новата бугарска влада за да покаже пријателство, а не остварување на идеалите од 19.век.