АРХИВАТА НА БТА – записи што зборуваат за историјата преку првата вест на Искандер од 1898 година до модерна дигитализација

„Виена – Нејзиното царско величество, бугарската кнегиња пристигна. Таа ќе биде примена од неговото царско височество, кнезот“. Ова е првата вест објавена на 18 февруари 1898 година од Бугарската телеграфска агенција – БТА, ракописно напишана лично од директорот на Агенцијата, Оскар Искандер, која внимателно се чува во архивата на БТА.

МИА при неодамнешната посета на БТА ја разгледа новоформираната архива на агенцијата, каде што ни беше дозволено да ѕирнеме во специјално укоричената книга, во која се наоѓаат првите информативни написи, кои на секоја страница се потпишани од директорот Искендер.

„Во 1898 година, во број 41 на ‘Државен весник’, објавен е расказот број 28 од 27 јануари 1898 година, со кој „Оскар Искандер бил назначен за директор на Бугарската телеграфска агенција во Софија од 1 февруари 1898 година со годишна плата од 5.580 лева“ (тогашните 5.580 лева, според грубите пресметки. вредат денешни над 100.000 евра според цената на златото, што се смета како најреална пресметка, што говори за односот на државата кон БТА). И оваа вест е документирана и трајно зачувана.

Првиот билтен на Агенцијата датира од 16 февруари 1898 година. Напишан е рачно, лично од Оскар Искандер, а содржи седум информации – за здравјето на принцезата Клементина и за настаните во балканските земји. Билтенот завршува со менувачките цени на пченицата, пченката и овесот од Виена, Будимпешта и Марсеј.

БТА со најмодерна и најголема новинарска архива

Директорката на Архивот, Десислава Савова, специјално за МИА ги отвори вратите на архивата и ни ги претстави архивските фондови и процесот на дигитализација.

Десислава Савова и главната уредничка на МИА, Пандорка Арсовска-Гацова

БТА ја има најбогатата тематска архива и најголемата и единствена фотоархива во Бугарија. Архивата на агенцијата, како што рече Савова, ги содржи сите билтени и публикации на БТА од нејзиното создавање во 1898 година.

– Со текот на годините архивскиот фонд се ширеше паралелно со активностите на Агенцијата. Денес вклучува речиси 5.300.000 страници билтени на хартија и микрофиш, фотоархива, која систематски се ажурира од 1952 година, приближно 1.800.000 фотографии, тематска архива на Одделот за референци, со речиси 5.000 тематски кутии, кои содржат приближно 2.750.000 исечоци од периодичните изданија на Агенцијата, библиотечен фонд со речиси 90.000 тома – истакнува Савова.

Архивата на БТА претставува едно од најзначајните документарни богатства во регионот, кое сведочи за политичките, општествените и за културните процеси во Бугарија и пошироко. Со децении БТА систематски собира, обработува и складира информативни материјали поврзани со општествено-политичкиот, економскиот, културниот и меѓународниот живот во Бугарија и светот.

Савова вели дека цели три години од таванот на зградата на БТА собирале правливи материјали, ги чистеле, средувале и документирале. На почетокот биле ангажирани седум лица, а денес, вели, се ангажирани 37 млади луѓе, кои секојдневно ги дигитализираат старите материјали.

Тимот од 37 специјалисти, како што посочуваат во БТА, дигитализира 4,4 милиони страници од вкупно 5,3 милиони историски архиви на БТА и 644.000 рамки од вкупно 1,8 милион рамки од периодот 1898 – 2012 година, со што се постигнати целите на проектот.

За дигитализацијата се користени најдобрите практики за дигитално архивирање и најсигурните стратегии што ги штитат податоците од неочекувано губење или оштетување.

Генералниот директор на БТА, Кирил Влчев, и главната уредничка на МИА, Арсовска-Гацова

Според генералниот директор Кирил Влчев, БТА ја има „најмодернaта архива во Бугарија и најголемата новинарска архива во земјата“.

Во 2025 година, кога БТА прослави 127 години од објавувањето на својот прв билтен, архивата беше преместена во нови архивски складишта опремени со специјализирани системи за полици и климатизација, во согласност со архивските стандарди во Бугарија.


Преку фотографии до визуелна документација на историјата

Архивата, покрај милиони вести, опфаќа и фотографии и други материјали, кои датираат од основањето на Агенцијата во 1898 година.

Особено важен сегмент од архивата, како што вели Савова, се фотографиите, кои визуелно ја документираат историјата – од политички настани и државни посети до секојдневниот живот на граѓаните. Овие материјали често се користат во медиумите, за изложби и научни истражувања, потврдувајќи ја нивната трајна вредност.

Архивата на БТА има и регионално значење бидејќи содржи информации поврзани со Балканот и меѓународните односи.

Преку дигитализација и модернизација на своите фондови, БТА во последните години овозможува полесен пристап до историските записи, со што значително ја зголемува нивната употребливост и знаење.

Со континуирано инвестирање во дигитални технологии и зачувување на своето наследство, БТА ја зацврстува својата улога не само како новинска агенција туку и како чувар на колективната меморија.

Архивата останува жив сведок на времето – мост меѓу минатото и иднината

Со архивата на БТА се запозна и британската историчарка и документаристка Бетани Хјуз, која претходно ја посети Агенцијата во рамките на подготовките за нов документарен филм за Софија.

„Архивите на БТА се многу импресивни“, изјави тогаш Хјуз додавајќи дека „цел час ќе треба да биде посветен на нив во нов филм“. Нејзиниот тим планира да ги користи материјалите во идни проекти. Хјуз го пофали постигнувањето оценувајќи дека целосната дигитализација на архивата со повеќе од 100 години историја е „навистина извонредна“.

Модернизација и развој

Агенцијата исто така управува со специјализирана читалница, која овозможува работа со архивските документи на БТА. Архивата ја користат државни институции, историчари, истражувачи, наставници, студенти и граѓани за научни истражувања, документарни проекти и следење историски настани, како и новинари за подготовка на публикации и извештаи за актуелни теми.

БТА од пред четири години обезбедува бесплатен пристап за секого до сопствените информативни производи. Ова е регулирано со промена во Законот за БТА. До усвојувањето на промената, ограничен број лица имаа право на слободен пристап до информативните производи на БТА, така што институциите и поединци, како што е сега МИА, плаќаа БТА да дистрибуира информации до нив.

Пред две години БТА, која има сопствена зграда во центарот на градот, се модернизира со 30 електрични автомобили за дописниците во земјата и за репортерите во Софија, како и 10 хибридни автомобили за дописниците во странство и за централата во Софија за подолги патувања, како и два минибуси за групни патувања за настани и обуки.

БТА има речиси 400 вработени, од кои дописници во повеќе градови во земјата и странство, меѓу кои и во Скопје, Белград, Анкара, Атина, Букурешт, Одеса, Брисел… Годишниот буџет на БТА, според податоците на интернет за 2024 година, изнесувал 14,5 милиони лева, односно над 7 милиони евра.

МИА