Добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2026 година е Даниел Хајндс од Обединетото Кралство.
Одлуката да му се додели наградата „Мостови на Струга“ на Даниел Хајндс, во конкуренцијата од дузина пристигнати поетски книги на млади автоти, лежи во неговата поезија која претставува специфичен спој на историската длабочина, митолошките одеци и суровата, речиси вајарска прецизност на јазикот. Неговото творештво можеме да го опишеме како „археологија на зборот“, каде секој стих копа низ слоевите на минатото, за да ги изнесе на површината заборавените гласови и предели.
Среќавањето на митот и сегашноста се срцевината околу која се развива тематиката во неговата поезија, така што како стожерни теми во неговата поезија можеме да ги подвлечеме:
– Историјата и наследството, воочливо, се културолошкиот товар од кој е длабоко фасциниран. Особено е нагласена и впечатлива англосаксонската историја, средновековните легенди и начинот на кој минатото го обликува современиот идентитет. Таквите негови песни создаваат привид дека минатоте не е мртво, туку дека пулсира под површината на современието.
– Природата и пејзажот носат описи кои немаат стерилна, декоративна, улога. Пејзажот кај него е жив, често суров и полн со симболика, тој е жив протагонист кој го обликува човековото искуство.
– Митологијата, како логичен след, но реинтерпретирана и во класичните и во фолклорните мотиви, давајќи им нова, честопати помрачна и поопиплива димензија.
Поетиката на Хајндс се одликува со лингвистичка прецизност и изобилие од архаични, но функционални изрази. Неговиот стил е економичен, а моќен. Секој збор е камен што тежи таму каде што му е местото, избегнувајќи го излишниот сентиментализам. Не помала вредност имаат аудитивните елементи, бидејќи стремејќи се кон архаичен израз, неговите алитерации и внатрешниот ритам создаваат реална слика дека тоа се звуци кои доаѓаат директно од усната поетска традиција. Накратко, неговата поезија не е обично читање, туку набљудување на процесот на создавање свет од кал, крв и стихови.
Даниел Хајндс е млад поет кој успешно го премостува јазот меѓу исконското и современото, создавајќи безвременски стихови кои одекнуваат со авторитет и интелектуална љубопитност. Неговото творештво е задолжително четиво за оние кои ја сакаат поезијата што, во исто време, предизвикува и воодушевува.
Даниел Хајндс живее во Њукасл, Обединето Кралство. Дипломирал Англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде и магистрирал Англиска книжевност со највисока оценка. Неговата дебитантска збирка поезија Нови, познати фрази била објавена од „Брокен Слип Букс“ (Broken Sleep Books) во март, 2025 година.
Тој е финалист за најдобар млад талент на наградата за култура „Североисток“, која е дел од „Њу Криејтив“ (New Creative) на Би-би-си. Избран е за „Нов северен поет“ на книжевниот фестивал „Илкли“, како и „Североисточен поет“ на организацијата „Њу Рајтинг Норт“ (New Writing North). Тој е добитник на поетската награда „Тимоти Корселис“ (Timothy Corsellis) која ја доделува „Поетското друштво“. За неговата поезија, тој е добитник на наградата „Нови форми“ од страна на Универзитетот Источна Англија (UEA). Бил дел од потесната листа за наградата за поетски памфлет на „Цинамон Прес“ (Cinnamon Press) во 2021 година, наградата за експериментално пишување „Стриткејк“ во 2019 година, како и поетската награда „Тери Кели“ во 2018 година.
Неговата поезија била прикажана во салата „Виклиф“ како дел од театарската продукција „Како ви е арно така“ на театарот „Креација“. Неговата поезија е објавена во различни списанија, меѓу кои Лондон Магазин, Њу Јуропиан, Вајлд Корт, Поетри Салцбург Ривју, Станд, Саутворд, Шиерсман, Прери Фајр итн. Неговата поезија е дел од следните антологии: Најдобри британски и ирски поети 2019-2021, Еко-поетска Антологија, антологијата Една планета во издание на Универзитетот во Њукасл, Лична историја на домот во издание на Универзитетот Оксфорд, антологиите Таписерии на домот и Најлошите добри години, Антологија на студентскиот живот во издание на „Ацид Бат Паблишинг“ (Acid Bath Publishing), Патувања и патешествија – Антологија на зависноста и лекувањето, поетската антологија Бркање сенки во издание на „Креативна Ирска“ во 2022 година, како и антологиите Црна зима II и Црна зима III во издание на „Кејк Прес“ (Cake Press).








